Австрија повторно на светска сцена по пауза од 12 години

Австрија е единственото изненадување од одиграните бараж натпревари за учество на Светското првенство во Шпанија oткако денеска на реванш натпреварот обезбеди победа против Полска со 29:26. Првиот меѓусебен дуел заврши без победник, 29:29, а со денешната победа, Австрија си обезбеди место меѓу најдобрите репрезентации во светот.

Селекцијата на Австрија имаше одлично отворање на натпреварот и постигнуваше голови од секоја позиција. Фреј беше ракометарката која од минута во минута го зголемуваше водството за австриската селекција, па така по првата половина од првиот дел, Австрија имаше позитива од четири разлика, 8:4.

За разлика од неколку дена, Полска имаше лоши 30 минути и никако не можеше да фати приклучок. Ракометарките на Австрија доминираа во првиот дел и успешно го завршија со предност од 15:11.

Полска ги поправи работите во почетните минути од вториот дел и успеа да го израмни резултатот на 16:16. Борба за секоја топка се водеше и на двете страни, најчесто Австрија беше во предност од еден до два гола разлика, но Полска секогаш успеваше да се врати во игра. Егал натпревар се играше до 52. минута. Австрија во последните осум минути беше подобар противник во целост и успеа да обезбеди билет за мундијалот во Шпанија.

Одлична партија имаше Соња Фреј која запиша десет гола од 13 удари. Во поразената селекција на Полска, Каролина Кудлач беше најефикасна со шест гола.

Русија и на вториот натпревар против Турција немаше проблеми и запиша убедлива победа, 45:24. На првиот натпревар, Русинките триумфираа со 35:23.

Иако Швајцарија успеа на првиот меч како гостин да ја изненади Чешка и одигра нерешено, сепак на реваншот, славеа Чехинките со 22-28 и обезбедија место на Мундијалот. Претходно учество на Светското првенство во Шпанија од бараж натпреварите обезбедија и Унгарија, Црна Гора и Германија.