ЅВЕЗДЕН ТИМ НА СУПЕРЛИГА 2020/2021

По завршувањето на Суперлигата, заедно со вас – нашите читатели, со колегите новинари и со тренерите од елитната машка конкуренција во Македонија, го избравме идеалниот тим на сезоната во македонската лига.

Единствениот специјализиран спортски портал посветен на ракометот, 24Ракомет ви овозможи и вие, нашите читатели, да бидете дел од изборот и да гласате за најдобрите ракометари во сезоната. Номинирани беа по петмина играчи на секоја позиција од кои беше избран најдобриот.

Во идеалниот тим се најдоа петмина ракометари од Вардар. Дополнително од редовите на македонскиот шампион доаѓа и најдобриот тренер, како и најдобриот странец. Во изборот за најдобри ракометари за оваа сезона имаше место и за двајца членови на Еурофарм Пелистер, еден на Металург, како и еден од Голден Арт КЛ7.

ЛЕВО КРИЛО – Тимур Дибиров (Вардар) – 20 бода

Рускиот интернационалец со македонски пасош супериорно стигна до идеалниот тим на сезоната, откако го освои максималниот број на гласови во сите категории. Дибиров ја покажа класата на најтешките натпревари на Вардар, а во оние на кои не му одеше на тимот, беше тука да го извлече од проблеми.

ЛЕВ БЕК – Кристијан Дисингер (Вардар) – 17 бода

Германецот кој заминува по три сезони од Вардар и од Македонија, успеа кога најмногу требаше да одигра перфектно. Беше меѓу најдобрите стрелци во двата меча против Еурофарм Пелистер на кои се одлучуваше титула.

СРЕДЕН БЕК – Јосип Периќ (Еурофарм Пелистер) – 20 бода

Босанскиот репрезентативец во првата сезона во Битола се прикажа во одлично издание. Иако неговата главна задача се разигрувањето и асистенциите, на многу натпревари беше прв стрелец на битолската екипа.

ДЕСЕН БЕК – Иван Чупиќ (Вардар) – 20 бода

„Црвено-црната“ легенда на најубав можен начин си замина од Вардар со двојна круна, во која десното крило не играше на својата природна позиција. И како десен бек беше најопасен од вардаровиот тим за сите ривали.

ДЕСНО КРИЛО – Златко Хорват (Металург) – 17 бода

Хрватскиот репрезентативец во првата година по доаѓањето во Автокоманда покажа дека ќе биде лидер на тимот. На многу натпревари во кои на тимот не му одеше најдобро, тој беше човекот што го враќаше Металург во игра. Беше најсигурен пеналџија и меѓу најдобрите стрелци во лигата.

ГОЛМАН – Градимир Чаневски (Еурофарм Пелистер) – 18 бода

Чуварот на мрежата по пет сезони си замина од Битола, но без освоен трофеј. Секогаш беше тука кога на тимот не му одеше најдобро, да го врати на вистинскиот колосек и да му даде надеж дека може повеќе.

ПИВОТ – Стојанче Стоилов (Вардар) – 18 бода

Пикерот на Вардар беше меѓу најдобрите во нападот на шампионот на најважните суперлигашки натпревари и имаше значајна улога во освојувањето на двојната круна во Македонија.

ДЕФАНЗИВЕЦ – Глеб Калараш (Вардар) – 19 бода

Рускиот интернационалец одлично си ја одработи својата главна работа и беше последен бедем пред голот на Вардар, а не беа ретки натпревари кога покажа дека знае да игра и во нападот.

ТРЕНЕР – Стевче Алушовски (Вардар) – 18 бода

Стратегот на Вардар заслужено е прогласен за тренер на ковид-сезоната која не беше лесна за ниту еден инволвиран во спортот. Иако често оспоруван, Алушовски докажа дека е квалитетен тренер и заминува од шампионот со двојна круна.

МЛАД ИГРАЧ – Емилијан Ѓорговски (Голден Арт КЛ7) – 17 бода

Младинскиот и сениорски репрезентативец уште по првата сезона во суперлигашкото друштво се наметна како лидер на КЛ7. Беше меѓу најдобрите стрелци во лигата, а иако не успеаја да обезбедат опстанок во Суперлигата, Ѓорговски покажа дека прераснува во ракометар на кој во иднина ќе се потпира македонската репрезентација.

СТРАНЕЦ – Иван Чупиќ (Вардар) – 18 бода

„Црвено-црната“ легенда на најубав можен начин си замина од Вардар со двојна круна, во која десното крило не играше на својата природна позиција. И како десен бек беше најопасен од вардаровиот тим за сите ривали.

*Покрај гласовите од читателите (25%), за идеалниот тим гласаа и тренерите во Суперлигата (25%), новинарите (25%), како и тимот на 24Ракомет (25%).

*Од редовите на новинарите оваа година гласаа: Југослав Костовски и Зоран Видевски (МРТ), Ристе Влахов (Спортско радио), Тања Димитриоска (Нова Македонија), Стеван Цаневски (ekipa.mk) Зоран Мишевски (gol.mk), Марија Ковачева (sportmedia.mk), Владко Арсов (sport1.mk), Ристо Ѓамовски (g-sport.mk), Билјана Благоеска Петрушева (колумнист на 24Ракомет, „Седмерец“)

*Тимот на 24Ракомет кој оваа година гласаше го сочинуваат: Дејан Михајловски, Душко Андов, Мартин Илиевски, Петар Шимлеша, Горан Антевски, Весна Николовска и Влатко Мирчески.

*Гласовите по категории можете да ги погледнете на слајдовите под описот за играчите со движење на стрелките.

*Конечниот избор на најдобри ракометари за оваа сезона е добиен како збир на гласови од сите четири сегменти на анкетата.

*Благодариме за вашето активно учество во годинешниот избор за најдобар ракометар на сезоната во машката Суперлига вкупно изброивме околу 120 000 гласови од ракометните фанови.