Шампионот на нашиот јужен сосед, АЕК Атина, се радуваше на изненадувачка победа над Ним во Франција со еден гол разлика, 27:26.
Ракометарите на Ним одиграа одлични први триесетина минути и уште од самиот старт покажаа сериозен пристап во играта. Со мал број на промашувања и технички грешки до првата половина на првиот дел, францускиот тим имаше водство од 10:7. Голманот на домаќините, Реми Десбоне на моменти ги покажуваше своите голмански способности, а неговите интервенции беа надоградени со водство на неговиот тим од 12:8 на десет минути пред крајот на првото полувреме.
Екипата на АЕК Атина се обидуваше да ја намали негативата во останатиот период од натпреварот. Избраниците на Франк Морис на полувреме заминаа со предност од два гола разлика, 16:14. Во второто полувреме Ним ја одржуваше предноста до 50. минута. Ракометарите на АЕК Атина со серија од три гола намалија на минус два, 20:22, а потоа дојдоа до израмнување, 25:25. Во последните пет минути екипата на АЕК Атина постигна два, а во својата мрежа прими само еден гол, тоа значеше и голема победа за шампионот на Грција. Победата ја заокружи Игнасио Хименез со гол во последната секунда.
По поразот од првото коло од Кадетен Шафхаузен, екипата на Спортинг Лисабон ги запиша првите бодови откако забележа триумф против Татабања со 37:23. Спортинг не дозволи да биде изненаден по вторпат во Лига на Европа. Татабања пружи силен отпор само во првите десет минути и никако не можеше да ја преполови негативата на противникот која полека се зголемуваше.
Во рамките од Б групата, ГОГ ја забележа втората победа во новата сезона. Данскиот тим одигра како на тренинг против Кокс и славеше со 46:30. Натпреварот веќе беше решен уште на самото полувреме кое заврши со предност од 22:12 за ракометарите на Николеј Крикау.
Поранешниот ракометар на Металург, Халил Јагањац беше еден од носителите на играта во хрватскиот вицешампион, Нексе, кој славеше на домашен терен против Савехоф со 39:31 во натпревар од Групата Ц. Јагањац на овој дуел беше најефикасен во својот тим со девет гола.
Победи остварија и екипите на Висла Плоцк и Магдебург. Полскиот вицешампион беше подобар од француски Тулуз со 33:29, додека екипата на Магдебург по голема борба успеа да ги освои бодовите од дуелот против Екс Ан Прованс, 31:27.