СТРУГА 2022: Бутелци со нетрпение очекуваат старт – ќе бидеме дел од најдобриот турнир на Балканот!

Еден од стандардните учесници на Струшкиот турнир во последните четири години е составот на Бутел Скопје. Екипата која по само една сезона во Првата лига пред пет сезони стигна до елитното друштво, минатата сезона стигна до најголемиот успех во клупската историја со освојувањето на третото место во Суперлигата и обезбеди по третпат излез во Европа.

Покрај сениорската екипа, овој клуб минатата сезона имаше одлични настапи и во младинските категории – ја освои титулата во кадетската лига, а играше во финалето на младинската лига. Дел од младите ракометари веќе се приклучија кон првата екипа и ќе добијат шанса од тренерот Кристијан Грчевски, кој заедно со неговиот асистент Дарко Јанев се творци на најголемиот успех на Бутел Скопје.

Асистентот на Грчевски, Дарко Јанев истакна дека натпреварите на Струшкиот турнир ќе бидат добро загревање за ракометарите на Бутел, кои во новата сезона ќе влезат со амбиции да го повторат ланскиот успех.

„Турнирот во Струга важи за еден од најквалитетните на Балканот и сигурно ќе биде одлична проверка за нашите ракометари пред стартот на новата натпреварувачка сезона. Во Струга доаѓаме со комплетен состав, на располагање ќе бидат сите ракометари. Ова е трет настап за нашата екипа на турнирот во Струга и знаеме дека сме учесници на најдобриот турнир на Балканот. Посебно задоволство и чест за нашиот клуб е што бевме поканети посебно на ова јубилејно 50. издание на Струшкиот турнир“, изјави Јанев.

Според Јанев, екипата на Еурофарм Пелистер е во мала предност во однос на останатите учесници на годинешното издание на Струшкиот турнир.

„За противниците не треба многу да се зборува кога знаете дека во групата ги имате двата поранешни шампиони на Европа – Вардар и Целје. Оваа година фаворитската улога ја префрлам на Еурфарм Пелистер“, заврши Јанев.

Искусниот ракометар Златко Мојсоски очекува екипата добро да се воигра пред стартот на новата сезона. Поранешниот репрезентативец на Македонија изјави дека е големо задоволството да се учествува на јубилејното 50. издание на Струшкиот турнир.

„Нашите очекувања од годинешното издание на Струшкиот турнир се да ја провериме нашата физичка и тактичка подготвеност и натпреварите на турнирот да ги искористиме за воигрување на екипата и адаптирање на новите засилувања и младите играчи, кои се еден вид на нова надеж и свежина во нашата екипа. На турнирот нашата екипа ќе настапи во комплетен состав. Три пати сме учествувале на струшкиот турнир и секоја година со голема чест и задоволство ја прифаќаме поканата, бидејќи е еден од најстарите турнири во Европа и единствен, кој се игра на отворено. Фактот што оваа година се одбележува 50 години од постоењето на турнирот, тоа му дава посебна чест и тежина на самиот турнир”, изјави Мојсоски.

Десното крило очекува повеќе екипи да бидат во игра за освојување на титулата во Струга.

„За ривалите во групата можам да кажам само пофални зборови. Според мене, неколку екипи би биле во борба за трофејот, па не можам да истакнам некој фаворит. Нашите цели за оваа сезона остануваат исти од претходната. Суперлигата од година во година е сѐ поквалитетна со квалитетни екипи и на секој тим ќе му биде потешко, сепак, прво би посакал да обезбедиме повторно учество во Европа“, заврши Мојсоски.

СТРУГА 2022: Бутел Скопје – спојот на младоста и искуството носи одлични резултати

Повеќе детали за турнирот во Струга, вести, табели, резултати, претставување на екипите, распоред на натпреварите,… можете да најдете во делот за СТРУГА 2022 на www.24rakomet.mk во главното мени на страната.

Следете не на нашата страница на Facebook и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет и добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон. Можете и да коментирате, да ги кажете вашите размислувања под секоја објава на веста на Вибер.