СЕДМЕРЕЦ: Тргна возот за Европа

Победнички старт и „зарибување“ на седмерец во Запорожје

1.Чекајќи ја ЛШ

Во победите многу сме јаки, во поразите – се зaгреваме за посилните натпревари. Тоа обично, така оди овде. Посебно кога е старт на сезоната и многу работи уште се нејасни. Новиот Вардар се уште во некомплетен состав, ја отвори сезоната во СЕХА со очекувана победа против Кинезите и очекувано-неочекуван пораз со неискористен седмерец против Мотор во Запорожје. Пола-пола за вардарци на загревање пред другиот старт, оној кај Монпелје во Лигата на шампионите. Нема многу материјал, а ни комплетна слика без повредените за некои поиздржани предвидувања и анализи. Од она што се знае и од тоа што се виде на терен во овие два меча од СЕХА и оние два на Супер Глоуб, генерано останува онаа констатација дека остатоците од стартиот систем, воиграноста и тимскиот дух и сезонава ќе бидат и тоа како важни адути на „црвено-црните“. Од друга страна, лесноповредливоста и критично тенката покриеност на клучните позиции се опасен проблем за сезона со големи предизвици.

Може ли Писонеро да биде како Парондо и да одговори на предизвикот? Може ли Кугис да ја грабне шансата како Милосављев лани? Може ли Марко Кизиќ да биде „џокерот“ , ако добие шанса и полно внимание од Периќ, се разбира?

Може ли Скубе да ја држи играта, сам без Карачиќ? Ќе биде ли Атман оној стариот бомбардер? Ќе има ли Горбок „втора младост“ во Вардар? Ќе издржи ли Диско да не свитка уште нешто?

Криштопанс има два метри „распон“, ама ќе може ли да шутира и десно и лево – кога ќе загусти? И да брани од „двојка до петка“ – кога ќе загусти… Каков ќе се врати Толедо после повредата? Ќе стане ли вардарец и „зетот“ Гурбиндо или некој друг Шпанец (лево) или тоа е само уште една од оние шпекулации „ако не сега, тогаш, здравје, догодина“? А, кој знае, може пак ќе проработи тука „шпанската врска“. Ако не сега, догодина…

А дотогаш, вардарци ќе тераат уште една сезона со одбрана на трите круни. Вообичаено, со многу неизвесност и прашалници на стартот. Но, на тоа некако веќе и се навикнавме во изминативе три-четири години. Во тоа „црвено-црно“ сценарио се покажа дека финишот е многу поважен од стартот.

2.За битолските работи

На другата страна во Битола, за Еурофарм Работник пак важно е да се земе добар залет на стартот. „Фармацевтите“ се дебитанти и во СЕХА и во ЛШ и што е уште поважно на овие наши простори, се борат да го преземат приматот во Битола, да испишат нова историја и да го „победат“ оној култен спомен на Лемго. А, тоа ќе признаете, во Битола не е лесно.

Стевче Алушовски има коректен тим кој коректно си одработе за победничко деби против Спартак. И за добар старт во СЕХА на загревање пред дебито во Лигата на шампионите. Следен во Битола доаѓа лисабонски Спортинг во првиот натпревар од ЛШ по речиси една и пол деценија. Битолската публика е на два ума. Да останат „зелени“ и секогаш верни на Пелистер и на традицијата или да попуштат и да гледаат ЛШ во живо, ама во „сино“.

Во меѓувреме, останува сагата за „ракометната платформа“ и продолжуваат преговорите за битолската фузија на двата тима, сега малку подзакочени на нови барања и на стари долгови. Потпис на договор засега нема, но позајмица ќе има. Играчите што се вишок во Еурофарм Работник за СЕХА и за ЛШ, ќе играат за Пелистер во Супер лигата и во ЕХФ Купот кој од успех сега стана само уште еден терет за клубот растргнат меѓу славното минато и неизвесната иднина. Да се „закрпи“ состав додека не се најде друго решение, врз или под „платформата“.

Ако не сега, тогаш здравје, догодина…

3.Налет Европа на -30!

Настрана битолската платформа и ситуацијата на Пелистер ни ваму-ни таму, и за другите македонски клубови со скромен ростер и тенок буџет, излезот во Европа е приоритет само додека не се излезе. После тоа станува вишок трошок и терет што мора да се протурка и да заврши што побрзо, ако може со две гостински во еден коло.

Што доби актуелниот македонски шампион ЖРК Металург од годинашниот настап во ЕХФ Купот? Поразителна слика за нашиот женски ракомет и не баш многу драгоцено „европско искуство“ од двата порази од Лубин во Полска со 59 гола разлика за два дена, колку што некои не стигнуваат ни за цела сезона! Отидоа, одиграа што одиграа, постигнаа едвај 28 гола вкупно, примија три пати повеќе, видоа и се вратија. Толку од Европа. Толку ни се силите и можностите.

И после сите ваквите настапи, одново и одново  се отвора прашањето – што е подобро, да се задржи каков таков континуитет и да се биде присутен во европските купови, па макар и со порази од по 30 гола разлика или сепак, да се пружат нозете колку што е чергата, до некои подобри времиња? Од една страна добро е да се има мотив и каква таква европска цел во домашната сезона. Но, од друга страна, не може ни да се остане на тоа – да играш цела сезона за една европска викенд тура! И да уриваш неславни рекорди, ако ти се падне таква среќа во ждрепката.

Не оди, никако. Ни годинава, ни догодина, а ни таа по неа, ако не се смени нешто.


КОЛУМНАТА „СЕДМЕРЕЦ“ ГИ ИЗРАЗУВА СТАВОВИТЕ НА АВТОРОТ И ИСТИТЕ НЕ ГИ ОДРАЗУВААТ МИСЛЕЊЕТО И СТАВОВИТЕ НА РЕДАКЦИЈАТА НА 24РАКОМЕТ.