Најдобриот украински репрезентативец Сергеј Онуфриенко, се чини дека ќе го пропушти континенталниот собир во јануари и дуелите со Австрија, Македонија и Чешка. Селекторот Сергеј Бебешко не го стави на списокот за ЕХФ неделата, а паузата поради повреда ќе го оддалечи од терените најмалку до крајот на годината.
„Во моментов сум повреден. Имам проблеми со препоните. Тие почнаа уште во претсезоната, а можеби се последица од крајот на минатата сезона. Кога мислев дека сум подготвен, тогаш одиграв 15 минути во Купот, но ја оштетив и тетивата. Уште не ја залечив претходната повреда, сега имам нова. Тренирам по индивидуална програма, но никој не сака да прогнозира кога ќе се вратам на теренот. Тоа прашање е тешко и за мене, иако навивачите секогаш ме прашуваат, но да бидам искрен навистина не знам. Можеби ќе се вратам до крајот на годината, се надевам дека претходно ќе почнам да работам и со топка“, изјави Онуфриенко за украинските медиуми.
Македонија го стартува настапот на Европското првенство во Австрија токму против Украина, а потоа следуваат пресметките со Чешка и домаќинот. Доколку Онуфриенко нема да игра, а мали се шансите за такво нешто, тогаш главната опасност по македонскиот гол ќе биде бекот на Еурофарм Работник, Владислав Остроушко.