Во рамки на Златната лига во женска конкуренција се одиграа вторите дуели од турнирот кој се игра во Данска, Норвешка забележа минимална победа од 29:28 над Франција. Ракометарките на Црна Гора кои настапуваат со комбиниран состав доживеаја нов висок пораз овој пат од Данска, 23:36.
Натпреварот меѓу Норвешка и Франција беше многу неизвесен, по првите 30 минути резултатот беше 16:16. Во продолжението Норвежанките беа поуспешни за еден гол и ја остварија втората победа во Златната лига после победата над Данска во првиот дуел.
Данска имаше лесна задача против некомплетната и многу ослабена репрезентација на Црна Гора. Уште по првото полувреме избраничките на Пер Јохансон имаа големо заостанување од 11:20. И второто полувреме помина во доминација на Данска за висок триумф и прва победа на турнирот.
Во третото последно коло утре силите ќе ги одмерат, Црна Гора и Норвешка од 15 часот, а Данска и Франција ќе играат во терминот од 17:15 часот. Сосема извесно е дека Норвешка е поблизу до триумф бидејќи е веќе во предност, а во последното коло игра против Црногорките кои се далеку од потребната форма на овој турнир.