Загреб крати буџет – нема повеќе скапи странци!

Откако пред неколку недели го ослободи од обврските десниот бек Жига Млакар, раководството на хрватскиот шампион Загреб „раскина“ со уште еден странец.

Станува збор за левиот бек Милош Божовиќ, кој мина помалку од една сезона во редовите на „плинарите“.

Тој за „Победа“ вели дека тимот го крати буџетот и дека загубил неколку спонзори.

„Можеби и тие и јас знаевме дека ова ќе се случи бидејќи по поразот од Алборг мали се шансите да поминеме во следната фаза од Лигата на шампионите. Поради таа ситуација, како и кризата предизвикана од Ковид, изгубивме многу спонзори, па Загреб не би бил во можност да ме исплати за преостанатиот дел од договорот, плус веќе постоечките долгови. Ми понудија значително помала плата, а тоа не го прифатив и го раскинавме договорот“, вели Божовиќ.

Во хрватскиот првак сега играат Србите Јандриќ и Обрадовиќ, Црногорецот Ристановиќ, Босанецот Буриќ, како и словенечките интернационалци Стојниќ и Влах, но јасно е дека некој од нив наскоро ќе си ги пакува куферите.