Во првиот четврт-финален натпревар од Лигата на Европа помеѓу ГОГ Гудме и Висла Плоцк победа обезбеди екипата од Данска со резултат 30:27.
Првото полувреме ракометарите на ГОГ Гудме го одиграа одлично. Гостите во два наврати, преку Михиќ и Елизага имаа водство од 2:1 односно 4:3. ГОГ во преостанатите 20 минути на крилата на Емил Јакобсен кој беше непогрешлив постепено ја зголемуваше својата предност, а своја помош Данците имаа и од нивниот голман, Виктор Халгримсон кој со неколку интервенции не дозволи противниците да дојдат до помала негатива. Во текот на 25. минута, домашната екипа имаше водство од 15:10, додека првото полувреме заврши со предност од 17:12.
Во второто полувреме, Висла Плоцк во брзите напади да дојде до посакуван пресврт грешеше, а најчесто нивните акции беа прочитани од разиграните Данци кои ја казнуваа секоја нивна грешка. По пет минути игра во вториот дел, Гидсел повторно ја постави разликата на шест гола за неговата екипа и погоди за 19:13. Халгримсон повторно влезе во свој елемент и неговите колеги зголемија на осум гола разлика, 22:14, на истекот на 40. минута. Гостите од Плоцк за пет минути игра направија серија од 5:0 и намалија на 22:19.
Иако се чинеше дека победата на ГОГ е недопирлива, сепак, Висла Плоцк во последните две минути се врати на само еден разлика, 28:27. Неизвесноста продолжи до самиот крај, а ракометарите на ГОГ успеаја да не дозволат целосна сензација.
Најефикасни во составот на ГОГ беа Емил Јакобсен и Матијас Гидсел со по седум гола. Во составот на Висла Плоцк тоа беше Михал Дачек со седум погодоци. Реванш натпреварот меѓу двете екипи се игра во Плоцк на 20 април со почеток од 20:45 часот.