Јованка Радичевиќ после карантинот: Успесите се моментални, здравјето нема цена

Поранешната ракометарка на Вардар, а сега член на Будуќност, Јованка Радичевиќ после самоизолацијата во која се најдоа сите ракометарки на шампионот на Црна гора со измешани емоции коментираше за она што следува.

Во прв план го става здравјето, а дури потоа зборува за она што ќе се очекува во однос на резултатите. Јасно е дека после карантинот кој го имаа поради тоа што имаа позитивни колешки на коронавирусот сега се гледа поинаку на овој вирус.

„Кога ќе останеш сам во четири ѕида и изолиран сфаќаш колку е важно здравјето. Успесите се моментални од денес за утре, но она што нема цена е здравјето. Тоа е најважно. Едноставно ќе сфатиш што е животот и колку треба да се цени секој ден кога ќе се разбудиме живи и здрави. Секој го бира својот пат, но само здравиот човек може сè“, вели Јованка Радичевиќ за mnerukomet.me.

Будуќност во новата сезона се очекува да биде еден од кандидатите за пласман на Ф4, а според составот и за највисок пласман односно битка за титулата во Лигата на шампионите.