Прв интернационален предизвик: Александра Коловска потпиша за Јувента Михаловце!

Македонската репрезентативка Александра Коловска во новата сезона ќе ги брани боите на словачкиот шампион Јувента Михаловце.

Кружниот напаѓач потпиша договор на една сезона, со можност да биде продолжен за уште една сезона ако двете страни се задоволни од соработката.

„Многу сум задоволна и среќна што ќе играм за Јувента Михаловце. Се работи за најтрофејниот словачки клуб и се радувам што на 18 години ќе го имам првиот мој предизвик во странство“, изјави Коловска.

Таа во Македонија беше дел од Вардар и Металург, а настапува за кадетската, младинската и сениорската репрезентација.

Со Јувента Михаловце ќе игра во словачкиот шампионат, во регионалната МОЛ лига, како и во Европскиот Куп, каде ќе се соочи со швајцарскиот Винтертур, каде настапува Симона Гроздановска.