Петровски в петок дебитира за првиот состав: Задоволство е да се игра во квалитетен тим како Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер во своите редови ангажираше уште еден ракометар од вториот тим, а станува збор за младиот битолчанец, Дарио Петровски, кој своите квалитети ќе има шанси да ги покаже во тимот предводен на Жељко Бабиќ.

Петровски со ракомет започнува уште на мали години кај професорот од Битола, Сашо Гаштевски. Подоцна се приклучува во ракометната школа предводена од тренерите, Александар Зарков и Иван Марковски, од тој момент влегува амбициозно во ракометната приказна.

„Желбата за ракомет се појави уште од мали години, но проблем секогаш беа домашните финансии. Ракометот го засакав како мал, желбата уште повеќе ми ја поттикна професорот во моето основно училиште, Сашо Гаштевски. Имаше своја ракометна школа во основното училиште ‘Даме Груев’, и на часовите по ракомет забележа дека имам одреден потенцијал и дека треба да го искористам во иднина. Секогаш ми зборуваше зошто не се запишам во неговата школа, имаш разбирање, имаш височина и останати предиспозиции што ги немаат други играчи на твои години, а можеш да напредуваш многу. По одредено време тренирав во неговата школа без надомест, и сакам да изразам голема благодарност што ми го овозможи тоа и да ги покажам квалитетите во неговата школа. Подоцна истите квалитети ги забележаа од тогашната ракометна школа во градот која сега е преименувана во Еурофам Пелистер. Тогаш беше Хендбол Јуниор Скул ( ХЈС), а тренери беа Александар Зарков и Иван Марковски. Тие во текот на 2013 година ми овозможија да се преместам во нивната школа и да тренирам во понапредно и попрофесионално ниво“, вели Петровски за 24 Ракомет.

Во полусезоната што измина, Петровски, со Еурофарм Пелистер 2 обезбеди плеј-оф во Супер лигата. Младата екипа на Александар Јовиќ добро им парираше и на поискусните екипи и на тимовите кои имаат високи амбиции, Металург и Бутел. Сега ќе настапува за првиот тим на Еурофарм Пелистер, но смета дека неговите соиграчи од вториот тим имаат шанси за добар пласман во Супер лигата.

„Со тоа што се пласиравме во плеј-оф стекнавме плус искуство. Во последните четири одиграни натпревари покажавме карактер дека можеме да се носиме со секого. Во Битола во еден интересен натпревар го добивме Металург и одигравме цврст натпревар против Бутел на домашен терен. На гостувањето во Кавадарци покажавме карактер и остварената победа против Тиквеш ја сметам за најважна. Тие натпревари ни беа од голема важност и самите играчи го знаевме тоа. Никогаш не се предававме и секогаш излегувавме цврсто на терен, ги исполнувавме задачите од тренерот и сето тоа вроди со плод“.

Младиот ракометар од Битола како најголема мотивација го наведува надигрувањето и желбата да се излезе како победник во дуелите со противникот. Од ракометните идоли уште се сеќава на добрите партии на репрезентативецот на Хрватска и ракометар на Кил, Домагој Дувњак.

„Некој посебен ритуал пред натпревар немам освен тоа што се молам сè да заврши добро и се да помине во најдобар ред, без повреди за мене, моите соиграчи и сите што се на теренот. Најголема мотивација во текот на играта ми е да се надигрувам и да се натпреварувам против противникот. Тие поставуваат некои цели, јас сакам да ги надминам тие цели и на крајот да излезам како победник после 60 минути. Од гледањето на Светските и Европски првенства секогаш ги следев настапите на репрезентацијата на Хрватска и тогаш во најдобрите свои години беше Домагој Дувњак. Уште го следам и ги гледам неговите игри и настапи, а уште кога почнав да тренирам ракомет тој ми стана идол. Подоцна кога почесто почнав да следам ракомет впечаток ми остави Енди Шмит од Швајцарија“.

Новиот ракометар на Еурофарм Пелистер ќе добие шанса на натпреварите од Супер лигата и на натпреварите од СЕХА лигата. Во вториот тим Дарио Петровски беше еден од главните играчи кои ги поттикнуваа резултатите, а за прекомандувањето во првиот тим не очекувал такво нешто.

„Со добрите настапи за Еурофарм Пелистер 2 добив повик во првата екипа која има цел освојување на домашното првенство и Куп на Македонија. Нормално, среќен сум што сум до крајот на сезоната дел од една квалитетна екипа. Не очекував вакво нешто бидејќи моите размислувања беа резултатите за втората екипа. Секако, задоволство е да се игра за ваков тим и тоа ќе ми претставува мотив повеќе да се претставам во добро светло во следните 14 натревари од Супер лигата и некои натпревари кои преостанаа од СЕХА лигата“.

Петровски беше дел и од составот на Еурофарм Работник пред неколку години кој имаше скромни амбиции во домашниот шампионат. Во Еурофарм Работник освен сениорската екипа имаше и младински категории. Добрите партии во дресот на овој тим му овозможија место во јуниорската репрезентација на Македонија и учество на Светското првенство во Алжир за јуниори. Освен за Еурофам Работник настапуваше и за амбициозната екипа на Струга како позајмен ракометар.

„Бев во почетниот проект на Еурофарм Работник, уште пред неколку години. Разликата помеѓу овие два клубови е тоа што амбициите на Еурофарм Работник беа плеј-оф и излез на европска сцена. Сега апетитите на Еурофарм Пелистер се поголеми и со многу амбиции, се цели на освојувања на титули и добри резултати на меѓународна сцена. Со јуниорската репрезентација на Македонија го освоив 6. место на Светското првенство во Алжир. Задоволен сум од прикажаната игра и го направивме најголемиот успех на некоја помлада категорија на светско ниво. Генерацијата на ракометари од 1998 немавме некоја поголема минутажа на првенството во Алжир, но на секоја искористена шанса го покажувавме квалитетот и нашите способности. За мене е големо задоволството да се носи националниот дрес на едно големо натпреварување. Најголем впечаток од настапите во Струга ми остави натпреварот помеѓу Охрид и Струга одигран во спортската сала ‘Билјанини извори’ која беше исполнета до пoследното место. Атмосферата беше прекрасна, а чувството на високо ниво, секој ракометар би посакал ваков натпревар и публика со домашни и гостински навивачи“.

Дарио Петровски освен на играчки план, со ракометот се занимаваше и како студент. Дипломира како спортски тренер по ракомет на ДИФ факултетот во Скопје. Неговата кариера и клупска игра му се во неговите амбиции уште многу години, а со тренерските води планира да се занимава подоцна. Како дипломиран спортски тренер истакнува дека треба уште многу повеќе да се вложува во помладите категории и акцентот да биде ставен на креирање база на ракометари кои ќе бидат носители во Македонија во иднина.

„Пред пола година дипломирав на ДИФ факултетот во Скопје како спортски тренер по ракомет. Во моментов моите мисли и цели се насочени кон мојата кариера. Има уште многу работа и многу докажувања. Рано е да се размислува за тренерските води, тоа може да се случи на 32 години, на излез од ракометна кариера. Бев солиден студент и колку што можев ги следев предавањата, поради обврските со клуб и репрезентација немавме многу опции да следиме, но секогаш се трудев да бидам во тек. Продолжив за професорски студии, и при крај сум со нив. Мислам дека секогаш сме имале потенцијални кадри во Битола и во другите градови во Македонија. Во некои клубови добро се вложува и има голем потенцијал од идните генерации кои доаѓаат. За десетина години треба да се смени целиот систем и повеќе шанса да добиваат нашите ракометари и да не се носат некои странци кои играат само една сезона во домашниот шампионат и потоа си заминуваат. Дококлку се вложува во помладите категории долгорочно и се дава шанса на некои големи потенцијали тогаш фидбекот за македонскиот ракомет ќе биде поголем“, рече Петровски за 24 Ракомет.

Својот деби настап за Еурофарм Пелистер, Дарио Петровски, најверојатно ќе го има на 5 март против Струга во првото коло од плеј-оф натпреварувањето во Супер лигата.