Вардар стартува во Лигата на шампионите со нов лик, но со стари амбици

Денеска започнува новата сезона во Лигата на шампионите, со четири натпревари од првото коло, а се уште европскиот шампион Вардар гостува кај белорускиот првак Мешков Брест.

Иако лани беше високо поразен во Брест, тимот на Вардар сега има изменет лик и со други играчи ќе се обиде да стигне до позитивен резултат на незгодното гостување. ЕХФ направи сторија за Вардар пред стартот на новата сезона.

„Нови играчи, ново име, претходниот сопственик го врати клубот…Ова се три големи работи кои што треба да се знаат пред отворањето на сезоната за Вардар. Иднината беше неизвесна на почетокот од летото, но многуте промени во Вардар кажуваат дека амбициите и натаму се кон врвот“, напишаа од ЕХФ.

ЕХФ го смести Вардар во ТОП 10 фаворитите за титулата во Лигата на шампионите, но за „црвено-црните“ ќе биде успех и пласманот во четвртфиналето. Меѓу главните фаворити за титулата повторно ќе бидат Барселона, Веспрем, ПСЖ, Кил…но и коронавирусот ќе замеша сигурно прсти во новата сезона, па дел од тимовите не секогаш ќе бидат комплетни на натпреварите.

Завршниот турнир од минатата сезона ќе се одржи на 28 и 29 декември, а до тогаш вардарци ќе владеат со европскиот ракомет.

Во оваа сезона ќе има 16 екипи поделени во две групи, а Ф4 би требало да се игра на 12 и 13 јуни 2021 година. Првите две места во групната фаза носат место во четвртфиналето, додека оние што ќе се пласираат од третото до шестото место ќе играат во осминафиналето.