Вардар се засилува: Со лев бек од Црна Гора во Лигата на шампионите

Репрезентативецот на Црна Гора и ракометар на францускиот Истр, Васко Шеваљевиќ ќе го носи дресот на тимот на Вардар во следните година и пол.

Тој е првото засилување кое „црвено-црните“ го ангажираа пред стартот на пролениот дел од сезоната. Се работи за ракометар кој има 32 години и кој зад себе има настапи во неколку различни лиги.

Потекнува од школата на Ловќен, а во кариерата има играно и за Амаја Сан Антонио (Шпанија), Динамо Минск (Белорусија), Хановер (Германија), Тулуз (Франција), Трембле (Франција) и во последните две години во Истр (Франција).

На Вардар му беше потребен нов играч на позицијата лев бек така што со него ќе успее да го добие она што е потребно. Се бараше играч кој нема настапувано во европските купови, за да има право на настап во Лигата на шампионите така што ќе може да биде дел од натпреварите во февруари во најсилното клупско натпреварување.

Сe работи за ракометар кој е доста ефикасен. Сезонава на десет средби има 35 гола, а минатата на 18 постигна 77. Инаку, често е и изведувач на ударите од седум метри.