Битолчани сериозно се засилуваат: Бек од Загреб потпишува за Еурофарм Пелистер

Актуелниот македонски вице-првак Еурофарм Пелистер сериозно се засилува за следната сезона и наскоро треба да го обелодени и трансферот на новиот бек. Тоа треба да биде поранешниот ракометар на Металург, кој последната сезона ја играше во Загреб, српскиот репрезентативец Немања Обрадовиќ.

Обрадовиќ е играч кој добро се снаоѓа и како лев и како централен бек и веќе неколку сезони е стандарден репрезентативец на Србија. Има 30 години и зад себе солидно искуство од настапи на големата сцена и во Лигата на шампионите. Тој би требало да биде сериозна поддршка на Јосип Периќ на плејмејкерската позиција.

Немања Обрадовиќ го носеше дресот на Металург во сезоната 2016/17, а потоа две години играше во Висла Плоцк во Полска. Во сезоната 2019/20 беше играч на Мешков Брест, а последната сезона ја мина во редовите на Загреб. Имаше забележителна улога во Металург во времето на Лино Червар и е сосема поинаков тип на играч од оние бекови кои ги има во моментов, и ќе биде од голема помош за тимот со неговата разновидност во играта, особено во нападот.

Воедно со Обрадовиќ во составот, тренерот Жељко Бабиќ ќе добие и повеќе избор во тимот. После Марко Кизиќ, Обрадовиќ е второто засилување за следната сезона на Еурофарм Пелистер. Ова е само почеток на конструкција на тимот за следната сезона. Од Битола се најавуваат уште најмалку еден бек и засилување на крилната позиција.

Битолчани полека составуваат екипа со која следната сезона треба да бидат конкурентни во домашното првенство, во СЕХА лигата и во европските купови. Се уште постојат теоретски шанси за Еурофарм Пелистер дека можат да стигнат и до титулата во домашното првенство, иако реално тие се доста мали, со оглед на тоа што треба да бркаат негатива од 8 гола против Вардар во реваншот. Но, во спортот се е можно, а дали битолчани можат да се надеваат на чудо треба да покаже Купот.

Веднаш после натпреварите од Купот каде сите очекуваат финале меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, следува и реваншот од првенството каде во Битола гостува актуелниот првак. Во меѓувреме се прави тимот кој треба да настапи следната сезона бидејќи тимовите ќе играат и во домашното првенство уште од почеток.