Без натпревари најмалку уште два месеци: Македонските клубови нема да кратат плати – засега!

Коронавирусот се шири брзо на глобално ниво и допрва ќе го зема својот данок во спортот. Сигурно ќе бидеме сведоци на многу пропаднати спортски колективи, на раскинати договори, на неисплатени плати, не незадоволни спортисти… Од бордот на европските ракометни клубови стигна препорака дека клубовите можат да скратат дел од платата н аракометарите во следните три месеци. Некои клубови во Европа веќе најавија можно кратење, некаде помалку, некаде повеќе.

Ракометната федерација на Македонија донесе одлука да ги стопира натпреварите на неодредено време и се уште не е јасно дали ќе има завршница во елитните конкуренции, и ако има – на кој начин ќе се добијат шампионите. Тоа ја отежнува ситуацијата зашто до крајот на јуни истекуваат договорите на доста ракометари во клубовите.

Македонските клубови најавија дека најпрво ќе ја чекаат одлуката на федерација и најавената помош од државата, па потоа ќе повлекуваат конкретни потези, односно ќе одлучат дали ќе кратат дел од платите на ракометарите.

Ние ги прашавме македонските суперлигаш како гледаат по ова прашање. Ќе има ли кратење на платите? Имаат ли конкретен став, некоја насока од УО на клубовите.

Од Металург немаат конкретен став.

„Овој месец не размислуваме на оваа тема. Ќе почекаме да видиме како ќе се развива ситуацијата, а потоа ќе имаме одлука. Мислам дека тоа ќе биде последната мерка која би ја преземале“, вели претседателката на Металург, Зорица Блажевска.

Во Пролет исто така ќе чекаат да се смири ситуацијата, па потоа да одлучат што ќе прават со платите на ракометарите.

„Ние први реагиравме како клуб откажувајќи ги тренинзите бидејќи здравјето мора да биде приоритет буквално на сите во овој тежок период. Ситуацијата во која се најдовме сите ние кои сме дел од ракометот, како клубовите, така и самите играчи, е крајно алармантна и може да предизвика сериозен проблем не само за периодов, туку и за наредната година. Сезоната е прекината и немаме никаква гаранција дали и кога би продолжила, веќе извесно време не се одржуваат ниту тренинзи, а ние како управа сме ставени во незгодна положба, да немаме доволно информации за да повлечеме конкретен потег. Пролет како клуб е базиран на поинакви принципи од голем дел од останатите суперлигаши, затоа и се обидуваме да најдеме решение во овој период на економска нестабилност што ќе ја зафати цела Европа. Постои најава дека државата ќе даде свој придонес за решавање на овој проблем, па би почекале да видиме што конкретно ќе се случи на тоа поле пред да донесеме конечна одлука“, вели претседателот на клубот, Сашо Огњеновски.

Од битолски Еурофарм Пелистер велат дека најважно е здравјето на ракометарите во овој момент.

„Ни стигна известување од форумот на клубови. По консултациите што ги имале со сите клубови членки во однос на тешката економска ситуација која претстои, предлагаат кратење на ракометарите како едно од решенијата за да нема банкрот. Ние како клуб се уште немаме разговарано и немаме став околу оваа тема, во моментов најважно ни е здравјето на ракометарите, кои посакуваме да останат здрави и да ги почитуваат сите мерки за заштита од коронавирусот. Останува да се надеваме дека оваа ситуација брзо ќе помине и ќе започнеме повторно со редовни тренинзи и натпревари“, вели спортскиот директор на битолчани, Димитар Митревски.

Раководството на Бутел Скопје будно ја следи ситуацијата со ширењето на коронавирусот.

„Менаџментот на клубот активно ја следи ситуацијата, а ракометарите и стручниот штаб се придржуваат кон сите мерки од власта во борбата против коронавирусот. Се надеваме дека набрзо ќе се среди оваа ситуација и ракометната сезона ќе заврши во Македонија. Засега немаме конкретен став околу намалување на платите на ракометарите“, вели претседателот на клубот, Влатко Тасевски.

Тимот на Охрид годинава се врати во плеј-офот за шампионската титула во Македонија, но можно е да нема шанса за борба на теренот ако биде означен предвремен крај.

„Ќе почекаме како ќе се одвива ситуација со ширењето на коронавирусот во Македонија и нема да избрзуваме со конкретни мерки околу кратење на плати или слични мерки“, вели спортскиот директор на клубот, Горан Недески.

Мислење беше побарано и од директорот на европскиот правак Вардар, но за жал не добивме одговор од Давор Стојаноски.

Со оглед на тоа што врвот на епидемијата со коронавирусот во Македонија се очекува кон крајот на следниот месец, ракомет сигурно нема да се игра ниту на почетокот на мај, па во најдобар случај, натпеварите би започнале во последната седмица од мај. Дотогаш РФМ ќе разгледува какви опции има за завршување на сите шампионати.