Нант покажа моќ пред Вардар – торпедиран Екс Ан Прованс!

Нант со убедлива победа ја продолжи сезоната во францускиот шампионат. Францускиот гигант на домашен терен славеше над Екс Ан Прованс со 38-28 и во одлично расположение го очекува европскиот дуел со Вардар.

Гостите од самиот почеток се обидоа да му парираат на фаворитот, па во воведните минути се играше израмнето. Нант за првпат стигна до предност од два гола во 11. минута, кога Тибо Брие погоди за 8-6.

Домашниот состав полека ја презеде контролата врз натпреварот и продолжи да ја зголемува предноста. Во финишот на првото полувреме Кристофер Бонде со важна одбрана му овозможи на Нант на пауза да замине со 18-14.

„Виолетовите“ продолжија во ист ритам и во вториот дел. Во 35. минута Нант имаше 22-18, а Иван Пешиќ се врати на голот во 45. минута, откако ги пропушти првите два натпревари, и веднаш покажа зошто е важен за тимот. Хрватскиот голман врза неколку одбрани и ја крена публиката на нозе.

Во завршницата Нант целосно го скрши отпорот на гостите. Игор Турченко со неколку силни удари го предводеше нападот, а Нант стигна и до +10 (37-27), пред конечните 38-28.

Кај Нант најефикасни беа Никола Турна со шест гола од седум обиди, како и Јан Тарафета и Каулди Одриозола со по пет погодоци. Лука Периќ постигна четири гола од исто толку обиди, додека Тибо Брие додаде четири.

По убедливиот триумф над Екс, Нант со голема самодоверба ќе го дочека гостувањето во Скопје. Следниот предизвик за францускиот состав е токму Вардар, кој на 16 септември ќе го пречека Нант во СЦ „Јане Сандански“ во второто коло од Лигата на шампионите.