Зорман: Покажавме карактер во полна сала и жешка атмосфера

Словенците победија во Скопје со 32-26 и практично се пласираа на Европското првенство 2026, иако има да се играат уште три меча од квалификациите.

Селекторот на Словенија, Урош Зорман, вели дека неговите момци покажале карактер, и покрај високата негатива, полната сала и жешката атмосфера.

„Македонија е во подем во последниот период и тука нема дилеми и тоа го покажаа на СП дека можат со сите да играат. Ние имавме многу проблеми, ни фалат 11 играчи, па не знаевме точно што можеме, но момците покажаа карактер. Почнавме лошо, многу технички грешки и слаба одбрана. Не менувавме многу тактика во вториот дел, додадовме гас и победивме. Некои од момците се првпат денеска во репрезентацијата, но покажаа карактер во полна сала, жешка атмосфера и навивање. Тука не му е лесно на никој. Пред нас е уште еден натпревар, кој сигурно ќе биде исто така тежок. Таму треба да го потврдиме тоа што го направивме овде во Скопје“, изјави Зорман.

Следниот натпревар меѓу Македонија и Словенија се игра на 16 март во салата „Бонифика“ во Копер од 18:30 часот.