Ракометарите на Веспрем на гостувањето во Данска кај Фредериција ја оправдаа фаворитската улога, откако со одличната игра во периодот од 20 минута, па до крајот на натпреварот дојдоа до триумф од 40:31.
За Веспрем ова беше 9-та победа во европската елита за оваа сезона и со новите два бода останува на лидерското место во групата А, додека Фредериција, која на моменти парираше на денешниот дуел, останува на последното, 6. место со три бода.
Фредериција, на позитивно изненадување на домашната публика, имаше одличен старт и до 25 минута беше рамноправен ривал. Данскиот тим добро тргна, најпрво поведе со 4:2, потоа имаше 8:4, но како одминуваше времето, така унгарскиот шампион се враќаше во игра.
По предноста на домаќините од 10:8, гостите врзаа два гола во низа и се вратија во игра израмнувајќи на 10:10. Во последните десет минути избраниците на Чави Пасквл ја презедоа предноста, ги казнуваа грешките на домаќините, започнаа полека да се одлепуваат и на пауза заминаа со плус пет, 20:15.
Вториот дел мина целосно во доминација на Веспрем, домаќините се обидуваа да се претстават во добро светло пред домашната публика, во одредени периоди се носеа со ривалот, но веќе при предност на гостите од 26:21 во 42 минута, јасно беше дека Фредериција нема да има никакви шанси за кам-бек.
Најдобар поединец во редовите на победничката екипа беше францускиот репрезентативец Недим Ремили со десет гола од 13 обиди. Кај Фредериција се истакна екс ракометарот на Еурофарм Пелистер, Реине Табода со седум гола и неколку асистенции кон своите соиграчи.
Полскиот вицепрвак Келце, по серијата четири порази, им се врати на победите во Лигата на шампионите, на свој терен славеше над незгодниот Колстад со 31:30 и дојде до 4-ти сезонски триумф во новата натпреварувачка сезона
Колстад добро се држеше во првото полувреме, иако имаше многу технички грешки, а Келце беше тимот кој беше подобриот ривал во првите 30 минути, постојано водеше, но со минимална предност, немаше голема комоција во играта.
Келце на полувреме замина со предност од 15:13 и подобро го одигра вториот дел, во кој постојано беше во солидна предност, во финишот дојде до мало опуштање во таборот на Душебаев, гостинот намали на 28:27, имаше шанси да израмни, но во клучните моменти Келце беше на висина на задачата и не дозволи поделба на бодовите.