Екипата на Вардар во следната сезона ќе биде посилна за десниот бек од Полска, Марек Марцинијак. Тој потпиша договор со „црвено-црниот“ тим до 2027 година. Полскиот репрезентативец во моментов е член на Азоти Пулави, но договорот му завршува на крајот на сезоната.
Станува збор за 29-годишен десен бек, кој одлично се снаоѓа и на десната крилна позиција, ќе биде замена за македонскиот репрезентативец Томислав Јагуриновски, кој заминува од Вардар.
За Марцинијак (188/86), настапите во македонскиот шампионат ќе бидат првите на меѓународна сцена, откако досега беше дел само од домашни клубови. Потекнува од Жуково, во 2017 година замина во Вибжеже Гдањск, а потоа четири сезони беше дел од Заглебје Лубин.
Во 2022 замина во Азоти Пулави, каде ја одработува третата сезона. Во текот на оваа сезона на 23 натпревари од полското првенство, Марцинијак постигна 71 погодок од 118 обиди, со 60% на успешност. Полскиот репрезентативец настапи и на Мундијалот во Хрватска, Данска и Норвешка, каде на седум средби даде 13 погодоци, а важна улога имаше на последните две квалификациски средби за ЕП 2026 против Португалија, каде постигна шест гола.
Најавено е доаѓањето и на кружниот напаѓач Живан Пешиќ, а досега се потврдени заминувањата на Ларс Коиј, Томислав Јагуриновски и Михаил Аларов. Активни договори за наредната сезона со Вардар имаат левите крила Марио Стојановски и Марко Срдановиќ, левиот бек Томче Стојановски, кружниот напаѓач Милан Лазаревски, средниот бек Марио Танкоски, десните крила Мигел Пинто и Ален Ќосевски, голманите Васил Гогов, Мигел Еспиња и Марко Богдановски, десниот бек Кристијан Стаменковиќ…
На крајот на оваа сезона им истекуваат договорите на Ашраф Маргели, Гоце Георгиевски, Младен Крсманчиќ, Нилтон Мело, Хансер Родригез, Вуко Борозан, Матија Николиќ, Стефан Петриќ…