Вардар ги задржа десните крила – нови договори за Георгиевски и Ќосевски!

Двете десни крила, капитенот Гоце Георгиевски и Ален Ќосевски ги продолжија договорите и во следната сезона ќе настапуваат за Вардар. Клубот работи на формирање на тимот што следните сезони ќе се натпреварува, а двете домашни крила се дел од оние играчи со кои се продолжени договорите.

Се работи на ангажирање на засилувања со кои Вардар и следните сезони ќе атакува на висок пласман во домашното првенство и во европските купови.

Гоце Георгиевски од 2020 година е дел од Вардар, откако претходно настапуваше за ЧСМ Букурешт, Феникс Тулуз и Металург. Во 2023 година ја заврши репрезентативната кариера и остана верен на „црвено-црните“. Со клубот има освоено две титули и три Куп титули и еден Супер Куп.

Ќосевски е дете на Вардар, а претходно настапуваше за екипата на Вардар јуниор и за Работнички, во сезоната 20/21 кога сите млади играчи од Вардар беа дел од тој клуб. Со екипата има освоено два Куп титули, еден Супер Куп и еднаш бил првак на Македонија.

Досега Вардар ги потврди ангажманите на десниот бек Марек Марцинијак, голманот Милош Валах, како и кружниот напаѓач Виктор Јанковски. Заминуваат Хансер Родригез, Марко Срдановиќ, Томислав Јагуриновски, Ларс Коиј и Михаил Аларов.

Активни договори за наредната сезона со Вардар има левото крило Марио Стојановски, левиот бек Томче Стојановски, кружниот напаѓач Милан Лазаревски, средниот бек Марио Танкоски, десното крило Мигел Пинто, голманите Васил Гогов, Мигел Еспиња и Марко Богдановски, десниот бек Кристијан Стаменковиќ…

На крајот на оваа сезона им истекуваат договорите на Ашраф Маргели, Младен Крсманчиќ, Нилтон Мело, Вуко Борозан, Матија Николиќ, Стефан Петриќ…