Екипата на Скопје во рамки од првото коло од плеј-аут фазата гостуваше во Прилеп кај истоимената екипа и беше поразена со 32:24.
Тимот на Оливер Димитриоски немаше доволно сила да им парира на домаќините, кои победата ја обезбедија уште во првото полувреме.
Еден од најдобрите на теренот беше левиот бек Давор Шокоски, кој го анализираше поразот од својот матичен клуб.
,,Несомнено е дека Прилеп имаат поголем ростер, сепак ја имаа и таа фаворитска улога но мислам дека ние не го дадовме својот максимум. Пресудија нашите технички грешки и промашените зицери, имавме осцилации во текот на играта и немавме константност како во нападот, така во одбраната”, изјави Шокоски.
Левиот бек по речиси една година повторно заигра пред прилепската публика, но овојпат како гостински ракометар.
,,Секогаш кога ќе влезам на терен, се стремам да го дадам својот максимум. Уживање е да се игра пред прилепската публика. На загревањето беше чудно како наспроти мене гледам играчи со жолти дресови. Прилеп има големо влијание во мојата кариера, секогаш ќе им бидам благодарен на луѓето кои беа и се дел од клубот, и со соиграчите кои поминавме многу моменти заедно”, вели Шокоски.
Според Шокоски, тимот на Скопје има шанси да го сочува суперлигашкиот статус за следната сезона.
,,Плеј-аутот ќе биде многу тежок за сите клубови оваа пролетна полусезона. Неколку поискусни играчи го напуштија клубот, но дојдоа други засилувања. Јас верувам во моите соиграчи и сигурен сум дека ќе го дадеме максимумот за да избориме опстанок”, заврши Шокоски.
Скопје во второто коло од плеј-аут фазата за ривал го има Аеродром, потоа во третото коло ќе му гостува на Куманово.