Дисциплината, изборот на менаџер и влијанието на родителите беа теми за кои на првиот Женски ракометен форум во Охрид зборуваа Драгана Цвијиќ, Андреа Лекиќ и Индира Кастратовиќ.
Трите ракометни легенди испратија важни совети до младите спортистки, но и до нивните родители.
„Мотивацијата се менува од ден на ден и тоа многу добро го знам. Многупати во животот сум имала 120 килограми, а потоа сум се враќала на 80. Така беше сè додека не научив да бидам дисциплинирана.
Така е и во животот. Денес ги имаме Instagram и TikTok, сè е брзо и сè се случува веднаш. Времето многу брзо поминува.
Понекогаш е доволно некој да ви каже дека сте талентирани и добри. Да, сите сте талентирани и добри, но без работа, упорност и дисциплина не можете да стигнете до крајната цел.
Мојот совет до сите вас е, пред сè, да верувате во своите соништа. Бидете многу дисциплинирани, не откажувајте се и останете истрајни“, порача Цвијиќ.
Андреа Лекиќ се осврна на улогата на спортските менаџери и призна дека, доколку повторно би ја почнувала кариерата, многу повнимателно би ги носела одлуките.
„Менаџерите во спортот се луѓето што често први ве советуваат и се наоѓаат покрај вас. Ако би можела да променам една работа во својата кариера, дефинитивно многу потемелно би пристапувала кон носењето одлуки.
Иако во тоа време верував дека доволно размислувам и дека се советувам пред да направам одреден избор, денес, од оваа перспектива, на тие ситуации гледам поинаку.
Сите сме имале менаџери и сме го поминале тој пат. Некои ракометарки имаат позитивни, а некои негативни искуства. Затоа добро размислете за секој избор што го правите во кариерата.
Како што кажа Драгана, барајте клуб во кој ќе играте, ќе добивате минутажа и ќе можете да напредувате. Не постои гаранција. Нешто може на почетокот да изгледа идеално, а потоа да се покаже дека тоа не е вистинската средина за вас.
Сепак, многу е полесно кога покрај себе имате човек што ќе ви даде искрен, здрав и добронамерен совет“, истакна Лекиќ.
Индира Кастратовиќ смета дека е потребно да се организираат форуми и едукации за родителите, бидејќи токму нивните амбиции и реакции често создаваат најголем притисок врз младите ракометарки.
„Мислам дека не треба да организираме форум само со децата. Потребен ни е и форум на кој ќе дојдат родителите и отворено ќе разговараме со нив.
Децата на 15, 16 или 17 години сè уште се млади и не можат целосно самостојно да ги носат сите одлуки. Тие најмногу им веруваат на своите најблиски, а тоа се родителите.
Секој родител треба да биде поддршка на своето дете. Треба да стои покрај него и кога е тешко и кога е убаво, постојано да го охрабрува и да го мотивира.
За жал, на Балканот родителите често се најголемиот проблем. Тие создаваат притисок врз децата. Ако детето не одигра еден натпревар или тренерот не го внесе во игра, веднаш следува јавување со прашањето: ‘Зошто моето дете не играше?’.
Родителите треба да имаат трпение и да веруваат во своите деца. Ако ја добијат вистинската поддршка и потребното време, тие деца сигурно ќе го покажат својот потенцијал и ќе постигнат добри резултати“, порача Кастратовиќ.
























