Женската репрезентација на Македонија со победа го заврши настапот на „Трофеј Македонија“, откако во до крајот интересен натпревар ја совлада Хрватска со 25-22.
Македонските ракометарки имаа одличен старт, потоа поминаа низ тежок период во второто полувреме, но успеаја да ја задржат концентрацијата во финишот и да стигнат до втора победа на турнирот. Со тоа, Македонија го освои второто место, додека трофејот заврши во рацете на Црна Гора. Хрватска е трета, а Србија заврши на четвртото место.
Хрватска лошо го отвори натпреварот и не реализираше во првите три напади, со две технички грешки и интервенција на одличната Драгана Петковска. Македонија веднаш го искористи тоа и со головите на Емилијана Ризоска, Сара Ристовска од пенал и Катерина Дамјаноска поведе со убедливи 3-0.
Петковска продолжи да брани во одличен ритам, додека Дамјаноска со својот втор погодок зголеми на 5-1. Тоа беше доволно за селекторот на Хрватска, Ивица Обрван, да побара тајм-аут.
Ниту прекинот не донесе значителна промена. Дамјаноска продолжи да го полни голот на Хрватска и со уште два погодоци ја одржуваше Македонија на четири гола предност, 8-4. Во 19. минута нашата селекција за првпат стигна и до +5, кога Кипријановска со вистински проектил погоди за 9-4.
Хрватска потоа заигра подобро и успеа да ја намали негативата, но Македонија не дозволи целосен пресврт. Седлоска и Стефаноска погодија за 12-7, а на пауза се замина со 14-9, откако Ризоска ја затресе мрежата.
На стартот од вториот дел Хрватска ја зацврсти одбраната и со серија од три гола повторно внесе неизвесност. Македонија цели седум минути не успеваше да постигне гол, а мразот го скрши Ризоска со погодок за 15-13.
Потоа следуваа голови на Јанкуловска и Ристовска за повторно да имаме контрола и сигурна предност од три гола, 17-14. Македонија во нападот играше и со „седум на шест“, а шанса доби и Џатевска. Сепак, Хрватска ја искористи тактичката поставеност и со три гола во низа стигна до првото израмнување на натпреварот, 19-19.
Во тие моменти се чинеше дека натпреварот може целосно да се сврти, но македонските ракометарки покажаа карактер. Во последните шест минути влегоа со предност од 22-19, а потоа искусно го приведоа натпреварот до крај и славеа со 25-22.
Со оваа победа Македонија го заврши Трофеј Македонија со второ место.

























