Удар за Мелсунген: Кристопанс го чека пауза – го пропушта мечот со Вардар!

Екипата на Мелсунген доби нов удар во пресрет на важните натпревари од Лигата на шампионите, откако Даинис Кристопанс ќе биде надвор од терените неколку недели.

Летонскиот репрезентативец во понеделникот мораше да биде подложен на оперативен зафат на десното колено.

Од Мелсунген потврдија дека таа поминала успешно, но засега не може прецизно да се прогнозира периодот на рехабилитација. Сепак, јасно е дека Кристопанс нема да се врати во игра пред средината на ноември.

Тоа значи дека искусниот бек ќе пропушти најмалку пет натпревари во Бундес лигата, како и преостанатите четири натпревари од групната фаза во Лигата на шампионите – двете средби против Нант, домашниот меч со Висла Плоцк и гостувањето во Скопје кај екс клубот Вардар.

Станува збор за сериозен проблем за германскиот тим, особено бидејќи позицијата десен бек и претходно беше погодена од повреди.

Сепак, спортскиот директор на Мелсунген, Јеспер Ларсон, не сака да создава паника.

„Секако дека отсуството на Кристопанс многу боли. Но, во минатото научивме како да се справуваме со вакви ситуации и ќе го надминеме и овој проблем“, порача Ларсон.

Тој потсети дека Николај Ендерлајт е блиску до враќање, додека во последниот период Рејнир Тор Стефансон одлично ја пополни позицијата десен бек.