Трилер завршница: ПИК Сегед во последната секунда до триумф, Фуксе со цел плен од Данска

Унгарскиот ПИК Сегед им се врати на победите во Лигата на шампионите, откако славеше во трилер завршница против Нант со 33-32.

Во најголем дел од натпревар, домаќините водеа, во еден момент имаа и плус три, но во последната минута Нант влезе со предност, 32-31. Погоди Банхиди набрзина за реми, Мин погреши во последниот напад за Нант и останаа уште десетина секунди за победнички гол на ПИК Сегед.

Апелгрен повика тајм-аут, а Бодо беше прецизен на една секунда до крајот за голема радост на домашните. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Шоштариќ со седум, како и Банхиди, Фримел и Бодо со по пет погодоци, додека кај Нант десет гола постигна Ривера.

Ракометарите на Фуксе Берлин по гостинскиот триумф кај Еурофарм Пелистер, со цел плен се враќаат и од гостувањето кај данската Фредериција, каде што славеа со 38-32.

Иако на полувремето беше само реми, 17-17, сепак во вториот дел квалитетот на „лисиците“ дојде до израз и се израдуваа на втор победа во елитата конкуренција, во која се вратија по долго време.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Андерсон со осум погодоци, додека Гидсел и Толбринг дадоа по седум, а голманот Милосављев запиша 12 интервенции. Kај Фредериција се истакна Певнов со седум гола.