Една од најдобрите романски ракометарки, Крина Пинтеа, го продолжи договорот со шампионот ЧСМ Букурешт за уште две сезони, па ќе остане во овој клуб најмалку до 2026 година.
Чуварот на мрежата Сирил Димулен, кој има 39 години, не планира крај на кариерата. Тој го продолжи договорот со францускиот второлигаш Трембле до летото 2025 година. Претходно бранеше за Нант, Тулуз и Шамбери.
Унгарскиот репрезентативец Доминик Мате нема да го продолжи својот престој во францускиот првак ПСЖ. Тој дојде лани во ПСЖ, но ја пропушти скоро целата сезона, а од лето доаѓа и Омар Јахја, па Мате ќе побара среќа на друго место.
Официјалниот сајт на бундеслигашот Кил објави дека е продолжена соработката со голманот Томаш Мрква. Чешкиот репрезентативец ќе остане во шампионот најмалку до 2025 година.
Словачкиот легендарен ракометар, Оливер Рабек, имаше само кратка епизода во Катар и одново ќе игра во татковината. По Татран Прешов, каде играше 11 сезони и Нове Замки, Рабек ќе го облече дресот на Братислава.