Митев и Костески го предводеа триумфот над Ферлах

|
20:56
Share on Facebook

Тимот од Автокоманда направи голем чекор кон третото коло на Европскиот куп на ЕХФ, откако во Скопје го совлада австриски Ферлах со 31-22 (16-11). Сино-белите ја контролираа средбата во најголемиот дел, а со четири гола по ред во завршницата ја зголемија предноста пред реваншот.

Ферлах на почетокот поведе со 2-1, но домаќините брзо го презедоа резултатот. Од 3-2 стигнаа до 6-2, а во 21. минута водеа со 13-8. Разликата се движеше околу четири и пет гола, па на полувреме тимот од Автокоманда имаше сигурни 16-11.

На почетокот од вториот дел предноста порасна на 19-13, но гостите не се откажаа. Со подобар период намалија на 20-17 во 43. минута, најавувајќи поинтересна завршница. Одговорот на сино-белите беше брз: повторно се одлепија на пет гола, а во 53. минута водеа со 27-21.

Токму финишот донесе уште поголема залиха. Ферлах остана без гол додека домаќините од 27-21 стигнаа до 31-21. Последниот погодок на гостите го постави конечниот резултат, но не ја намали значително предноста со која македонскиот тим ќе отпатува во Австрија.

Марко Митев беше прв стрелец со седум гола, Никола Костески постигна шест, Монси Тордарсон пет, а Матиц Сухолежник четири. Кај Ферлах, Тони Перкушиќ даде седум, а Адријан Миличевиќ пет погодоци.

Реваншот се игра во Ферлах на 24 октомври. Тимот од Автокоманда во него влегува со девет гола предност, но пласманот во следното коло ќе биде потврден дури по вториот натпревар.

 

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾

Share on Facebook

МВП ЗА МЕСЕЦ СЕПТЕМВРИ ВО СУПЕР ЖЕНСКАТА ЛИГА – МАРИЈА АНЧЕВА (ЃОРЧЕ ПЕТРОВ 2)

Авор: Душко Андов
| 16 октомври 2026
17:11
Share on Facebook

Средниот бек на Ѓорче Петров 2, Марија Анчева, го доби признанието за најкорисен играч, односно МВП за месец септември во Супер женската лига.

Анчева играше одлично во првите три средби од оваа сезона во новиот клуб, во кој заедно со искусната Савица Мркиќ Стојанов, се од голема помош на младите „лавици“.

Таа освои 72% од гласовите на анкетата, додека второпласирана беше Стефанија Ѓорѓиевска од Чаир која освои 8% од гласовите.

Номинирани за МВП за месец септември во Супер женската лига беа уште и Анастасија Николовска од Спартак, Емилијана Ризоска од Ѓорче Петров и Леона Миленкоска од Вардар.

Share on Facebook

Бутел пружи жесток отпор, но ќе брка три гола негатива против Горица

Авор: Душко Андов
| 17 октомври 2026
19:41
Share on Facebook

Ракометарите на Бутел Скопје загубија со 27-24 од хрватскиот состав Горица во првиот натпревар од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп. Иако можеа да се вратат со подобар резултат, сепак во последните десетина минути домашните успеаја да го свртат резултатот во своја корист и по водството на Бутел со 23-21, направи голем пресврт, со серија од 6-1.

Стартот не беше ветувачки за скопскиот состав. По 2-2, Горица се одлепи на плус четири, 7-3, а во првите петнаесетина минути водеше и со пет гола, 11-6. Сепак бутелци навреме се разбудија.

Во финишот на полувреме ја стегнаа одбраната, по 13-10 за домашниот тим, четири минути гостинската одбрана не дозволи погодок, а за тоа време Марковски и Стаменковиќ погодија за минимална негатива на паузата, 13-12.

Вториот дел тргна со три гола на домашните за 16-12, а Горица остана без Дражен Огулиќ, кој доби директен црвен картон по опасниот старт над Тодески. Но момците на Стоилов возбратија на уште подобар начин.

Со серија од пет гола по ред и со одбрани на Чаневски, Бутел направи комплетен пресврт, 17-16, имаше и напад за плус два, кој не го реализира, па Горица казни со голови за 18-17.

Беше 18-18, но како одминуваше времето така Бутел ја преземаше контролата на теренот. На 20-20, Стоилов побара тајм-аут, а по интервенциите на Чаневски, Бутел за првпат водеше со два гола, 23-21, а имаше и напад за плус три со играч повеќе.

Сепак тој не беше реализиран и казната стигна на спротивната страна, па Горица успеа да израмни 23-23. Двете екипи во продолжение промашија по два пати, а домашните преку Пит ја вратија предноста на своја страна.

Капитенот Ѓоргиевски беше исклучен, тоа го искористи Горица и на две минути до крај отиде на плус два, 25-23, па Стоилов мораше да бара тајм-аут. Костов ја прекина „црната серија“ на Бутел и намали на 25-24.

Дујиќ одново ја однесе Горица на плус два, 26-24, бутелци погрешија и останаа уште дваесетина секунди за хрватскиот состав за напад. Успеаја да организираат напад и на крајот прославија триумф со три гола, 27-24. Во составот на Бутел по четири пати погодија Николоски, Субашевски и Стаменковиќ, а кај домашните се истакна Цековиќ со пет погодоци. На голот на Бутел одличен беше Чаневски.

Реваншот ќе се одигра во Скопје на 24 октомври од 17:00 часот.

Share on Facebook

Волф ги критикуваше судиите – му се заканува голема казна!

Авор: Душко Андов
| 16 октомври 2026
13:11
Share on Facebook

Голманот на Кил, Андреас Волф, се соочува со парична казна од 2.500 до 5.000 евра поради јавните критики кон судиите по драматичното реми 31-31 против Фленсбург.

Волф ја доведе во прашање компетентноста на арбитрите по контроверзната ВАР одлука во финишот, со која беше поништен потенцијалниот победнички гол на Кил.

Иако санкцијата не е јавно објавена од раководството на лигата, германските медиуми пренесуваат дека Волф доставил и писмено образложение во кое признал дека претерал со своите изјави.

Кил е на врвот на табелата со 17 бодови, два повеќе од Фленсбург и три повеќе од Магдебург, но овие две екипи имаат одиграно два меча помалку.

Share on Facebook

Сигурдсон смета на вардарецот Љевар за квалификациите за ЕП 2028

Авор: Душко Андов
| 16 октомври 2026
12:21
Share on Facebook

Селекторот на машката репрезентација на Хрватска, Дагур Сигурдсон, го објави списокот на ракометари пред стартот на квалификациите за ЕП 2028.

Тој смета на 19 ракометари за двете средби со Литванија и Финска, а меѓу нив се наоѓа и еден од македонското првенство.

Станува збор за левиот бек на Вардар, Леон Љевар, кој ова лето го засили македонскиот првак.

Покрај Љевар, на списокот се проверени имиња како Циндриќ, Срна, Лучин, Мартиновиќ, Кузмановиќ…а недостига само Лука Ловре Кларица од Келце кој е повреден.

Хрватска ги стартува квалификациите за ЕП 2028 на 4 ноември во Сплит против Литванија, додека на 8 ноември е пресметката на гости кај Финска.

Во квалификациската група е уште Холандија, против која Хрватите ќе играат двомеч во март догодина.

Share on Facebook

Бутел гостува кај Горица, капитенот Ѓоргиевски е оптимист: Имаме шанса за позитивен резултат

Авор: Душко Андов
| 16 октомври 2026
14:00
Share on Facebook

Ракометарите на Бутел Скопје ги очекува предизвик во ЕХФ Европскиот Куп и гостување кај хрватската Горица.

Капитенот на Бутел Скопје, Димитар Ѓоргиевски, досега беше дел од сите европски настапи на клубот, а ова ќе биде петти негов настап во Европа.

Тој смета дека ривалот има квалитетен ростер и не за џабе има шест победи на шест меча во хрватскиот шампоионат, меѓу кои и триумф над учесникот во Лигата на Европа, Сесвете, со 32-31.

„Не очекува еден тежок двомеч со квалитетен противник, но мислам дека имаме реални шанси да го поминеме првото коло. Добро ги анализиравме во текот на оваа недела,во добра форма се во нивното првенство, нема некое познато име, но играат доста квалитетен ракомет. Со наша добра одбрана и паметни решенија во нападот, имаме шанса за позитивен резултат“, смета Ѓоргиевски.

Бутел Скопје е рангиран повисоко од страна на ЕХФ од хрватскиот состав. Mакедонскиот тим е на 39 место, додека Горица дури на 55 позиција.

„Искрено сум изненаден што се толку ниско рангирани според ЕХФ, ние ќе дадеме се од себе да ја оправдаме фаворитската улога доколку не сметаат за фаворити“, вели Ѓоргиевски.

Првиот меч меѓу Горица и Бутел се игра утре од 18:00 часот, додека реваншот е на 24 октомври од 17:00 часот во Скопје.

Share on Facebook