Кент Робин Тонесен по завршувањето на сезоната ќе ја напушти Флензбург и ќе се врати во Норвешка. Искусниот десен бек потпиша за Фјелхамер, клубот во кој ги направи првите ракометни чекори, а таму ќе има и дополнителна улога надвор од теренот.
По 15 години минати низ некои од најголемите европски клубови, Кент Робин Тонесен се враќа дома. Норвешкиот репрезентативец од летото 2027 година повторно ќе го носи дресот на Фјелхамер, клубот во кој започна неговата ракометна приказна.
Трансферот сега е и официјално потврден. Тонесен потпиша двегодишен договор како играч, а истовремено ќе добие и постојано работно место во клубот како координатор за маркетинг и спорт.
„Сите што ме познаваат знаат колку многу ми значи Фјелхамер. Да се вратам и да му дадам нешто назад на клубот многу ми значи“, изјави Тонесен за ТВ2.
За 35-годишниот леворак бек ова ќе биде затворање на еден огромен европски круг. Од Норвешка замина во 2012 година, а потоа настапуваше за Савехоф, Вецлар, Фуксе Берлин, Веспрем, ПИК Сегед, ПСЖ и Флензбург. Со Веспрем и Сегед освојуваше титули во Унгарија, а со ПСЖ стана шампион на Франција во 2024 и 2025 година.
Иако заминува од врвниот европски ракомет, Тонесен потенцира дека враќањето во Фјелхамер не го гледа како мирно пензионирање.
„Не се враќам за да успорам. Сакам да придонесам на теренот и да бидам важен играч за тимот“, порача Норвежанецот.
Во Фјелхамер очекуваат неговото влијание да биде многу поголемо од она што ќе го покаже на натпреварите. Клубот сака да го користи огромното искуство што го стекна во најсилните европски првенства и во Лигата на шампионите, особено во работата со младите ракометари. Тренерот Кристијан Близнак, кој во минатото беше и соиграч на Тонесен во Вецлар, смета дека неговото присуство ќе биде исклучително значајно за развојот на клубот.
Враќањето дома доаѓа и по еден многу тежок период за искусниот бек. За време на летниот одмор во Хрватска, Тонесен доби херпес зостер во пределот на лицето и окото. Состојбата беше толку сериозна што во еден момент постоеше и страв за неговиот вид, а самиот подоцна откри дека првите три недели биле исклучително тешки.
Во меѓувреме се врати на тренинзите и повторно почна да игра, а за ТВ2 порача дека сега состојбата е добра. Сето тоа дополнително влијаело на одлуката да се врати во Норвешка со семејството.
Тонесен зад себе има и богата репрезентативна кариера. За Норвешка одигра 148 натпревари и постигна 360 голови, а со националниот тим освои сребрен медал на Светското првенство во 2017 година. Последниот голем турнир на кој настапи беше Светското првенство во 2025 година.
▶▶▶ Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet . Со еден клик до сите вести.

























