Радовиш лесно се справи со Текстилец, Петров „удри“ по своите

Ракометарите на Радовиш прославија триумф над Текстилец со 30-25 во натпревар од 6 коло во прволигашката конкуренција.

Иако се очекуваше поголем отпор од штипјани, сепак домаќините лесно стигнаа до двата бода на оваа пресметка, а во преден план беше левиот бек Васе Петров, кој постигна десет гола против „своите“ штипјани.

Покрај него, во нападот на радовишани се истакнаа Иванче Ончев со осум и Филип Костадинов со пет погодоци.

Домашните поведоа со 12-5, Текстилец за момент се врати на минус еден, 12-11, но на паузата Радовиш замина со предност од три гола, 15-12.

Во второто полувреме радовишани диктираа темпо и имаа резултатска контрола, па гостите немаа шанси за камбек во натпреварот.

Најдобри стрелци во штипскиот состав беа Лазар Стојанов, кој се врати во тимот по еден меч суспензија и даде осум гола, како и Јован Величков, кој стрелаше четири пати.