Трансфер-маркетот е отворен: Степанчиќ, Доленец, Павловиќ…се уште немаат клуб!

Поголем број од клубовите многу одамна ги формираа своите ростери за претстојната сезона, но на пазарот се уште има ракометари што се слободни и многу екипи радо би ги виделе во своите редови.

Најзвучните имиња меѓу оние што немаат клубови за наредната сезона се десните бекови Лука Степанчиќ и Јуре Доленец. Хрватот го заврши престојот во унгарскиот ПИК Сегед, но иако одамна се поврзуваше со Келце, се уште нема потврда на овој трансфер, што може да значи дека нема ништо од тоа.

Словенецот по настапите во Монпелје и Лимож, беше поврзуван со уште еден француски клуб ова лето, Сен Рафаел, но нема потврда дека овој премин може да биде реализиран.

На листата на оние што се без клуб е уште еден десен бек, Марко Копљар, кој веќе не е дел од германскиот Фуксе Берлин. Тука се и левиот бек Ник Хенигман, кој си замина од Сен Рафаел, а беше поврзуван со Еурофарм Пелистер, средниот бек од Загреб, Карпо Сиротиќ, кој имаше понуда од еден од германските тимови, потоа Словенецот Тилен Стрмљан кој замина од Хановер, левиот бек Домагој Павловиќ, кој не е веќе дел од Мелсунген…

Maкедонските екипи од врвот, Еурофарм Пелистер и Вардар, практично ги затворија ростерите кога се работи за играчи од бековските позиции, но ако се работи за квалитетен играч, може да има промени во последен час…