ТРАНСФЕР МАРКЕТ: Маслова во ЧСМ Букурешт, Павловиќ се сели во Франција, Сабирова верна на ЦСКА

  • Репрезентативката на Русија, Валерија Маслова, која моментално настапува за Ференцварош, на лето ќе ја промени клупската средина. 24-годишната ракометарка ќе се пресели во Романија и таму ќе настапува за ЧСМ Букурешт. Десниот бек во унгарскиот клуб пристигна минатото лето, но двете страни одлучија секој да продолжи по својот пат. Маслова настапуваше и за Брест Бретањ, Мец, Будуќност и Ростов Дон.
  • Кружниот напаѓач на Металопластика, Урош Павловиќ, во следната сезона ќе го има првиот интернационален предизвик во својата кариера. Павловиќ, кој има 26 години и важи за еден од подобрите играчи во српскиот шампионат, ќе се пресели во редовите на францускиот суперлигаш Кретеј. Србинот и раководството на Кретеј се договорија за двегодишна соработка.
  • Мошонмаѓаровар од Унгарија го потврди трансферот на прославениот стратег од Црна Гора, Драган Аџиќ. Како што е познато, искусниот Аџиќ од месец ноември минатата година е без клупски ангажман, откако си поднесе оставка од тренерската функција во Крим. Црногорецот на репрезентативно ниво е селектор на женската репрезентација на Словенија и ќе го предводи Мошонмаѓаровар најмалку две сезони.
  • Поранешниот шампион на Русија, ЦСКА Москва, успеа да ја задржи Карина Сабирова, ракометарка која во тимот од Москва настапува од 2021. Сабирова потекнува од Астраханочка и со овој клуб, како и со ЦСКА Москва, играше во Лигата на шампионите. Во сезона 2016/17, кога Астраханочка беше еден од ривалите на Вардар во Лигата на шампионите, Сабирова имаше одлична сезона, постигнувајќи 78 погодоци.
  • Една од најдобрите репрезентативки на Австрија, Инес Иванчок, ќе остане во Унгарија, но ќе има нов клуб. Иванчок ќе се пресели во редовите на Сомбатељ, клуб во кој настапува репрезентативката на Македонија, Ивана Џатевска. Левиот бек во Мошонмаѓаровар настапува од сезона 2022/23, претходно го носеше дресот на Битигхјам.