Тиквеш пружи силен отпор, но бодовите заминаа во Автокоманда

Тимот предводен од Кире Лазаров дојде до петти сезонски триумф во Супер лигата, на гостувањето во Кавадарци кај Тиквеш беше подобар ривал триумфирајќи со 31:25 и сега има пет од пет. Тиквеш по денешниот пораз останува на 9. позиција со само три бода.

Домашниот состав на Кристијан Грчевски во најголемиот дел од првото полувреме беше рамноправен противник, но во периодот од 20, па до последната минута од првиот дел постигна три, а прими дури седум погодоци.

При резултат од 12:11 за „сино-белите“ од Автокоманда, домаќинот влезе во криза, па така составот на Лазаров со три гола во серија се одлепи на 15:11. Кавадарчани до крајот на полувремето никако не можеа да излезат од „црната дупка“, влегоа во уште поголема криза, а на спротивната страна разиграни беа бековите, кои лесно доаѓаа до погодок.

Гостинскиот тим на пауза замина со удобни плус шест, 19:13, а најголема заслуга за оваа предност на тимот од Автокоманда имаа Серафимов, Велковски и Митев. Домаќинот влезе мотивиран во вториот дел, искусниот Арсиќ фати неколку топки, па така со три гола во низа ја преполови негативата и дојде до минус три, 19:16.

Избраниците на Лазаров никако не можеа да дојдат до реализација, а првиот гол во второто полувреме го постигнаа во 38 минута преку Петковски за 20:16. Натпреварот доби на интензитет, од двата табора имаше голема борба за секоја топка, домаќините во желбата резултатски да се доближат правеа грешки, па така гостинот си ја врати позитивата од паузата, дојде до 23:17 во 43 минута, а минута подоцна Велковски беше ефикасен за 24:17.

Тиквеш се разбуди во завршните петнаесетина минути, направи серија од 4:0, намали на 25:21, потоа во 54 минута дојде и на минус три, 27:24, но гостите од Автокоманда до крајот на натпреварот водеа со три до пет гола разлика.

Најефикасни во победничката екипа беа Марко Митев со шест и Мартин Серафимов со пет погодоци, а четири имаше Мартин Велковски. Кај Тиквеш прво име беше Аби Обина со седум погодоци.