Со утрешниот дуел меѓу Тиквеш и Аеродром ќе стартува новото, деветто коло во суперлигашката конкуренција. Кавадарчани по елиминацијата во Европскиот Куп, сега целосно се посветени на домашните обврски и во дуелот со дебитантот се истакнати фаворити.
Составот на Аеродром, кој во досегашниот тек од сезоната собра 12 бодови, односно триумфираше на четири дуели, ќе се обиде да покаже квалитетна игра пред кавадаречката публика.
Тиквеш има само еден пораз, од вицепрвакот, па така се очекува да дојде до нови бодови на свое конто и да ја продолжи трката за првата позиција на табелата во Групата А.
Голема борба се очекува на дуелот против Прилеп и Пролет, две екипи кои посакуваат пласман во плеј-оф фазата.
Утрешниот дуел под Марковите Кули може да одлучи дали прилепчани ќе фатат приклучок кон најдобрите четири екипи на табелата или Пролет ќе направи голем чекор кон остварување на посакуваната цел.
На програмата во сабота ќе има два дуели, двата ќе се одиграат во Автокоманда каде што вицепрвакот ќе го пречека Охрид, додека дебитантот силите ќе ги одмери со Еурофарм Пелистер.
Во недела ќе играат Голден Арт и Вардар Неготино, односно Скопје и вториот тим на Еурофарм Пелистер.
Тимот на Струга дуелот со Куманово ќе го одигра на 31 октомври, бидејќи тренерот на стружани Наум Танески има репрезентативни обврски со кадетската репрезентација.
Вардар и Бутел во натпревар од деветтото коло ќе се сретнат на 8 ноември во спортската сала „Антон Димитров“.
Супер лига, 9. коло, распоред:
Група А
27/10, 18:30 часот, Тиквеш – Аеродром
28/10, 19:00 часот, Алкалоид – Охрид
29/10, 17:00 часот, Скопје – Еурофарм Пелистер 2
31/10, 19:30 часот, Куманово – Струга
Група Б
27/10, 19:00 часот, Прилеп – Пролет
28/10, 15:30 часот, Мулти Есенс – Еурофарм Пелистер
29/10, 18:00 часот, Голден Арт – Вардар Неготино
08/11, 18:00 часот, Вардар – Бутел Скопје