Темелкоски: Мечот со Кремс ќе го паметам цел живот, јас и Тиквеш можеме уште подобро

Тимот на Тиквеш продолжува со набиената агенда во домашното првенство и во Европскиот Куп.

Денеска кавадарчани играат на гости кај Еурофарм Пелистер 2, а веќе в сабота ги очекува реваншот со Кремс, кој беше совладан со 32-28 на првиот меч во „Јасмин“.

Десното крило Евгениј Темелкоски, вели дека гол разликата би можела да биде доволна за место во следната рунда.

„Мечот со Кремс беше искуство за нас, многу големо, прв меч во Европа, мислам дека се покажавме во добро светло, имаме добра гол разлика. Најважно е тоа што сите сме здрави и сме подготвени за новите натпревари оваа недела. Денеска играме против Еурофарм Пелистер 2, ќе биде тешко, но ние одиме на победа. По тој меч патуваме за Австрија. Ќе дадеме се од себе и во Битола и во Кремс, а ќе ја имаме поддршката и на двете места од нашите верни навивачи“, вели Темелкоски.

Тиквеш има залиха од четири гола пред реваншот со Кремс во Австрија.

„Кремс се покажа како стабилна екипа, го издржа притисокот од трибините. Играа добар и брз ракомет. Четири гола разлика е добро, имавме плус седум, но тие беа со ладни глави и ги казнија сите наши грешки со брз центар и со лесни голови. Но ние сме задоволни со четири гола разлика. Да ни понудеше некој ваков резултат пред мечот, ние ќе се согласевме барем на победа“, продолжи Темелкоски.

Прилепчанецот одигра одличен натпревар, особено во финишот.

„Бев спремен како и сите да го дадам максимумот. Ова беше меч што ќе го паметам целиот живот, еден од најважните во мојата кариера. Задоволен сум од тоа што го дадов. Знам дека можам и јас повеќе, и сите во мојата екипа. Уживавме во тој натпревар, излеговме без притисок. Одиме на победа во Австрија и се надеваме на пласман во трета рунда“, заврши Темелкоски.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Еурофарм Пелистер 2 се игра денеска во „Боро Чурлевски“ од 16:30 часот, додека мечот со Кремс е в сабота од 19:00 часот.