Ракометарите на Струга во претпоследното, 13. коло од регуларниот дел од Супер лигата ќе гостуваат во Битола кај вториот тим на Еурофарм Пелистер.
Стружани имаат голема шанса веќе утре да го заверат пласманот во плеј-оф фазата и да се зацврстат на 4. позиција на табелата.
Тренерот на Струга, Наум Танески, вели дека ќе биде тешко во Битола, но се надева на освојување на три бода со кои неговиот тим ќе го завери пласманот во плеј-офот.
„В сабота играме со еден доста квалитетен противник, кој располага со неколку кадетски и младински репрезентативци на Македонија и три квалитетни интернационалци. Во Битола одиме да се надигруваме, знаеме дека е тешко да се освојат бодови таму, но годинава Еурофарм Пелистер 2 игра во променлива форма и доколку ни се укаже прилика уште таму би го завериле пласманот во плеј-оф фазата. Дома ги победивме со два гола разлика и ќе се обидеме повторно да ги добиеме. Доколку не успееме да освоиме бод во Битола имаме дуел со Аеродром во Струга, како втора шанса за заверка во плеј-офот. Во првиот дуел во Скопје покажавме дека сме доста поквалитетен тим и ќе дадеме сѐ од себе на најдобар можен начин да го завршиме првиот дел од сезоната”, изјави Танески.
За дуелот против Еурофарм Пелистер 2 неизвесен е настапот на Петар Бугариновиќ и Златко Мојсоски поради повреда.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Струга се игра утре, со почеток од 16:30 часот во спортската сала „Боро Чурлевски“.