Струга го врати својот бисер – Ѓеоргиески повторно во матичниот клуб

Младиот левокрилен ракометар се враќа во матичниот клуб по една сезона во Автокоманда. Летово беше дел од Македонија на ЕП У18 во Белград, каде што беше прогласен и за МВП на еден од натпреварите.

Тимот на Струга го врати еден од најталентираните ракометари од својата школа. Младиот македонски репрезентативец Стефан Ѓеоргиески потпиша договор со струшкиот суперлигаш и во новата сезона повторно ќе го носи дресот на матичниот клуб.

18-Годишниот ракометар настапува на позицијата лево крило, а потекнува од младинските категории на ДИНГ од Струга. Минатата сезона ја мина во вториот тим од Автокоманда, каде што продолжи да се развива и доби можност да настапува и во сениорска конкуренција.

Ѓеоргиески зад себе има одлично лето и успешен настап со кадетската репрезентација на Македонија на Европското првенство У18 во Белград. Тој настапи на осум натпревари и постигна вкупно 27 погодоци, а најдобро издание имаше во решавачките средби за пласман.

Во драматичната победа над Фарски Острови со 34-32, со која Македонија го продолжи патот кон деветтото место и обезбеди настап на следното Светско првенство, стружанецот постигна седум гола од осум обиди и беше прогласен за најдобар играч на натпреварот.

Одличен беше и во последниот меч на шампионатот против Израел. Ѓеоргиески постигна осум погодоци во убедливата победа од 39-29, со која македонската репрезентација го освои деветтото место во Европа.

Неговиот талент беше забележлив уште додека настапуваше за младинските категории на Струга. На кадетскиот завршен турнир во сезоната 2024/25 беше прогласен за најдобар стрелец, најдобро лево крило и МВП, откако стружани стигнаа до вицешампионската титула.

Една сезона подоцна, како член на вториот тим од Автокоманда, повторно беше избран за најдобро лево крило во идеалниот тим на кадетскиот завршен турнир.

Сега Ѓеоргиески се враќа во својот град и во клубот во кој ги направи првите ракометни чекори. Во Струга ќе ја засили конкуренцијата на левокрилната позиција и ќе добие можност својот талент да го потврди и на суперлигашката сцена.