Келце на шопинг во Загреб – го „краде“ најдобриот играч на хрватскиот првак!

Полскиот првак Келце прави сериозни планови за иднината и веќе обезбеди ново засилување за следните сезони. Според информациите на полскиот портал „wKielcach.info“, актуелниот шампион на Полска ја доби трката за потписот на Игор Бељавски.

24-годишниот белоруски бек моментално настапува за Загреб, а во Келце треба да пристигне најдоцна во летото 2028 година. Сепак, полскиот клуб би можел да се обиде да го доведе и порано, со откуп на неговиот договор.

Бељавски, кој е висок 192 сантиметри, може да игра на позициите среден и лев бек. Станува збор за динамичен ракометар, особено опасен во играта „еден на еден“.

Белорускиот репрезентативец веќе две години е дел од Загреб, а во минатата сезона во Лигата на шампионите постигна 58 голови, шест повеќе од својата дебитантска сезона во елитното натпреварување.

За неговиот потпис имало сериозен интерес од повеќе клубови, меѓу кои и Висла Плоцк, но Бељавски сепак ја избрал понудата од Келце.

Келце ова лето претрпе голема реконструкција на составот – клубот го напуштија шестмина ракометари, додека пристигнаа седум нови. Во исто време, клубот веќе размислува за следните сезони, а по најавеното заминување на Тео Монар во Фуксе Берлин, во Келце ќе мораат да бараат и нов пикер.