Струга од 12 до 15 авгиуст повторно ќе живее со ракометот, а покрај Црн Дрим ќе се одржи вистински ракометен фестивал исполнет со добри натпревари, полни трибини и незаборавна атмосфера. 24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот, а во пресрет на неговиот почеток ќе ги претставиме сите екипи учесници и ќе пренесеме интересни приказни, факти и детали од богатата историја на турнирот. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
Дубочица од Лесковац ќе биде единствениот странски учесник на 54. издание на турнирот во Струга. Тренерот Саша Пејчиќ очекува силни натпревари, подобрување на формата и достојно претставување на клубот пред почетокот на сезоната во која екипата ќе настапува и на европската сцена.
Струга од 12 до 15 август повторно ќе живее со ракометот. На отвореното игралиште покрај Охридското Езеро ќе се одржи 54. издание на Меѓународниот ракометен турнир „Вангел Баљукоски – Баљук“.
24Ракомет и годинава е медиумски партнер на турнирот. Во пресрет на почетокот ќе ги претставиме сите екипи учесници и ќе пренесеме интересни приказни, факти и детали од богатата историја на турнирот. Сите натпревари ќе бидат пренесувани во живо на YouTube каналот на 24Ракомет.
Српскиот состав доаѓа во Струга по најуспешната сезона во клупската историја, во која го освои четвртото место во домашното првенство и обезбеди пласман во европските натпреварувања.
Дубочица ќе го искористи настапот во Струга како важен дел од подготовките. Тренерот Саша Пејчиќ очекува неговата екипа преку натпреварите со квалитетни противници да ја подигне формата пред почетокот на домашните и европските обврски.
„Исклучително ни е задоволство што ќе учествуваме на еден од најугледните ракометни турнири во регионот. Очекуваме квалитетни натпревари против силни противници, кои ќе ни помогнат да го подигнеме нивото на формата пред почетокот на новата сезона. Сакаме да ја претставиме Дубочица на најдобар можен начин и да оствариме што подобар резултат“, вели Пејчиќ.
Струшкиот турнир со децении е место на кое настапувале познати европски клубови и големи ракометни имиња. Посебниот амбиент и натпреварите под отворено небо му даваат дополнителна вредност на настанот.
„Турнирот во Струга има долга традиција и голем углед во европскиот ракомет. Познат е по квалитетната организација и учеството на врвни екипи. Задоволство ни е што ќе бидеме дел од овој спортски настан“, истакнува тренерот на Дубочица.
Охрид и Струга се сериозни тестови
Дубочица ќе игра во група со актуелниот победник на турнирот Охрид и со домаќинот Струга.
Првиот натпревар српскиот состав ќе го одигра против Охрид, кој зад себе има историска сезона и освојување на ЕХФ Европскиот куп. Вториот ривал ќе биде Струга, екипа која летово го засили составот и пред домашната публика сигурно ќе има дополнителна мотивација.
„Во групата нè очекуваат многу квалитетни противници. Секој натпревар ќе биде сериозен тест за нашиот тим, но токму ваквите средби се најдобра подготовка за предизвиците што нè очекуваат во сезоната“, смета Пејчиќ.
Охрид го брани пехарот освоен минатата година и повторно е еден од најсериозните кандидати за финалето. Струга, пак, како домаќин традиционално игра со дополнителна енергија на отвореното игралиште покрај езерото.
За Дубочица овие два натпревари ќе бидат добра можност стручниот штаб да ја провери моменталната форма на играчите и да види во кои делови од играта е потребен дополнителен напредок.
Дубочица доаѓа со комплетен состав
Пејчиќ очекува во Струга да ги има на располагање сите ракометари. Тоа ќе му овозможи да ја распореди минутажата и да испроба различни комбинации пред почетокот на официјалните натпревари.
„Во овој момент очекуваме на турнирот да настапиме со комплетен состав“, вели Пејчиќ.
Дубочица летово не направи голем број промени. Во клубот пристигнаа Стефан Павловиќ и Ѓорѓе Чоловиќ, додека екипата ја напуштија Иван Митровиќ и Алекса Митровиќ.
Задржувањето на најголемиот дел од составот треба да ѝ овозможи на екипата да го продолжи континуитетот во играта и да го надгради резултатот од минатата сезона.

Без прогласување фаворит
На турнирот ќе настапат неколку екипи кои имаат реални шанси да се борат за пехарот. Вардар доаѓа како освојувач на двојната круна во Македонија, Охрид го брани трофејот и е актуелен европски победник, додека домаќинот Струга ќе ја има поддршката од домашната публика.
Пејчиќ не сака да издвои само една екипа како главен кандидат за првото место.
„На турнирот учествуваат повеќе квалитетни екипи кои можат да стигнат до трофејот. Сметам дека нијанси ќе го решаваат победникот, а нашиот фокус е исклучиво на нашата игра и на секој следен натпревар“, порача тренерот на Дубочица.
Историска сезона и прв европски предизвик
Дубочица зад себе има сезона која постави нови стандарди во клубот. Екипата го освои четвртото место во првенството на Србија, што е најголем успех во клупската историја, и обезбеди настап во ЕХФ купот.
Со тоа, составот од Лесковац доби можност за првпат да се измери со противници од европската сцена. Натпреварите во Струга ќе бидат важен дел од подготовките за новото ниво на предизвици.
„Примарната цел е да го продолжиме континуитетот на добри резултати, да оствариме што подобар пласман во домашното првенство и во Купот, како и од натпревар во натпревар да напредуваме како тим“, заврши Пејчиќ.
ДУБОЧИЦА 54 – КЛУПСКИ ИНФОРМАЦИИ
СОСТАВ
Играчи: Лазар Павловиќ, Урош Дениќ, Вања Николиќ, Марко Радуловиќ, Петар Петровиќ, Андреј Стаменковиќ, Стефан Павловиќ, Огнен Трајковиќ, Михајло Трајковиќ, Ѓорѓе Чоловиќ, Алекса Ѓорѓевиќ, Лука Станковиќ, Ѓорѓе Пешиќ, Никола Матовиќ, Андрија Атанасковиќ, Немања Димитријевиќ, Лазар Барбатесковиќ, Горан Ристовиќ, Александар Павловиќ, Стефан Арѓелан и Филип Павковиќ.
Стручен штаб: Саша Пејчиќ – главен тренер, Небојша Бокиќ – помошен тренер
ИГРАЧИ КОИ ШТО ДОЈДОА
Стефан Павловиќ
Ѓорѓе Чоловиќ
ИГРАЧИ КОИ ШТО ЗАМИНАА
Иван Митровиќ
Алекса Митровиќ
Најголем клупски успех
Четврто место во првенството на Србија
Обезбеден пласман во европските натпреварувања – ЕХФ куп
Распоред на Дубочица на турнирот во Струга
13 август
20,30 ч. Охрид – Дубочица
14 август
18,30 ч. Струга – Дубочица
15 август
Меч за пласман
* СИТЕ НАТПРЕВАРИ ЌЕ БИДАТ ПРЕНЕСУВАНИ НА YOUTUBE КАНАЛОТ НА 24РАКОМЕТ
❗❗ Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…

























