СТРУГА 2026: ДАЛИ ЗНАЕТЕ – Домаќинот чека 36 години за нов трофеј, само еднаш го освоил!

Тимот на Струга го крена победничкиот пехар во 1990 година, на издание кое поради лошото време се играло во салата „Нико Нестор“. Тоа до денес останува единствениот триумф на домаќинот. Се чека 36 години за нов триумф.

Низ повеќе од половина век на Меѓународниот ракометен турнир во Струга продефилирале бројни европски и светски ракометни имиња, но домаќинот само еднаш успеал да заврши на највисокото место.

Историскиот успех се случил во 1990 година, на 18. издание на турнирот, одиграно на 7 и 8 септември.

Турнирот тогаш бил на работ да не се одржи поради тешката политичка и економска состојба во поранешна Југославија. Организаторите сепак успеале да ја продолжат традицијата, а поради лошото време натпреварите биле преселени од Отвореното игралиште во салата „Нико Нестор“.

На турнирот учествувале Струга, Охрид, Тутунски Комбинат од Прилеп и грчки Архелаос.

Стружани го совладале Охрид со 28-17, а потоа биле подобри и од Тутунски Комбинат со 32-26. Горан Попоски постигнал дури 13 гола на натпреварот против прилепскиот тим.

За целосен успех на домаќинот се погрижиле и поединечните признанија. Новко Георгиевски бил прогласен за најдобар играч, додека Горан Попоски бил најдобар стрелец на турнирот.

По тој успех, Струга повеќе не успеала да го освои победничкиот пехар. Годинава стружани имаат сериозно засилен состав, па турнирот ќе покаже дали новата генерација може да ја разбуди надежта дека домаќинот повторно ќе се вмеша во борбата за висок пласман.

❗❗  Следете не на нашите социјални мрежи, на Facebook, и на Instagram и бидете дел од Viber заедницата на 24Ракомет – добивајте ги сите информации веднаш на вашиот телефон…