СТРУГА 2024: Тиквеш го освои петтото место

Ракометарите на Тиквеш го освоија петтото место на 52. издание на Струшкиот турнир, откако славеа против домаќинот Струга со 24-17. Победникот беше решен уште по првото полувреме, кога тимот на Драган Марковиќ направи огромна предност, која во вториот дел беше сочувана. Шанса за настап добија сите ракометари од двете екипи, кои го искористија овој натпревар како добра подготовка за следните предизвици.

Кавадарчани водеа со 3-2 по десетина минути игра, но потоа следуваше еден период на грешки на двете страни, иако имаше и голмански одбрани на Арсиќ и Тутенкоски, а кавадаречкиот голман постигна и погодок.

Стружани до крајот на полувремето само еднаш ја затресоа мрежата на кавадарчани, додека Тиквеш не беше на највисокото ниво, но успеваше да постигнува погодоци и се одлепи на 9-2. До паузата, Струга даде уште еден гол.

На стартот на вториот дел домашните успеаја да намалат дел од негативата, но немаа сили за нешто повеќе на овој натпревар и кавадарчани само рутински го приведоа до крајот.

Во победничкиот тим по четири погодоци постигнаа Темелкоски, Шулески и Димовски, додека голманот Арсиќ имаше десет одбрани, сите во првиот дел. Во тимот на Струга се истакнаа Мечкароски и Наумоски со по четири гола, а голманот Тутенкоски запиша девет одбрани.

Во битката за трето место вечерва ќе се соочат екипите на Ескилстуна Гуиф и ПАОК Солун од 19:00 часот, додека во големото финале за трофејот ќе се борат двете најдобри македонски екипи, Вардар и Еурофарм Пелистер, чиј меч ќе започне од 21:00 часот.