Новиот суперлигаш Младост 1977 продолжува со формирање на тимот за следната сезона, во која клубот од Богданци повторно ќе биде дел од елитното македонско ракометно друштво. Најново засилување за составот е тунискиот интернационалец Ахмед Мајдоуб, кој ќе ја засили десната бековска позиција.
Станува збор за 23-годишен леворак ракометар, кој веќе има искуство од македонскиот ракомет. Мајдоуб минатата сезона беше дел од тимот на Струга, па за него Супер лигата нема да биде непозната средина. Сега го очекува нов предизвик во дресот на Младост 1977, клуб кој по враќањето во елитата сака да состави конкурентен ростер.
Тунижанецот во Богданци доаѓа како ракометар кој треба да донесе дополнителна сила во нападот. Се работи за корпулентен десен бек, со силен шут и желба за докажување, а неговото доаѓање ќе ја зголеми конкуренцијата во бековската линија.
За Младост 1977 ова е уште еден потег во насока на подготовка за суперлигашките предизвици. Тимот од Богданци во новата сезона ќе мора да има подолг и поквалитетен ростер, бидејќи враќањето во елитата носи многу потежок ритам, посилни противници и натпревари во кои секој бод ќе биде важен.
____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























