Македонскиот женски ракометен пазар почнува да станува сè поинтересен, а ЖРК Спартак е еден од клубовите што најсериозно работи на составување на тимот за следната сезона. Тимот од Кисела Вода е пред промоција на големо засилување – Таида Беровиќ, една од најголемите надежи на македонскиот женски ракомет и досегашна ракометарка на ЖРК Вардар.
Како што дознава 24Ракомет, Беровиќ во новата сезона треба да ги брани боите на Спартак, што би било еден од најзвучните трансфери на домашната женска сцена ова лето. Станува збор за ракометарка која зад себе има одлична сезона и која веќе важи за играч со голем потенцијал, иако е на почетокот на својата сениорска кариера.
Беровиќ минатата сезона играше за ЖРК Вардар, каде што се профилираше како една од најперспективните ракометарки во домашното првенство. Претходно беше дел од Металург Автокоманда, од каде во зимскиот преоден рок се пресели во „црвено-црниот“ табор.
Нејзиниот квалитет не остана незабележан. Беровиќ беше избрана за најдобра млада ракометарка во традиционалниот избор на All-Star тимот на сезоната во организација на 24Ракомет, признание што дополнително ја потврдува нејзината вредност и статусот на еден од најголемите македонски ракометни бисери.
За Спартак, ова би било огромно засилување и јасен сигнал дека клубот не сака да има епизодна улога во новата сезона. Тимот од Кисела Вода лани играше во финалето на Купот на Македонија, а во првенството беше блиску до позициите што носат излез во европските купови. Сега амбициите се уште повисоки, а ангажманот на Беровиќ е потег што покажува дека клубот сака да направи чекор напред.
Спартак летово веќе направи значајни промени. На тренерската клупа седна искусниот стратег Симе Симовски, поранешен селектор на женската репрезентација на Македонија, кој треба да го води новиот проект во Кисела Вода. Со неговото доаѓање, клубот добива тренер со големо искуство, авторитет и јасна визија за развој на екипата.
Паралелно со промената на клупата, Спартак почна да го засилува и играчкиот кадар. Од Вардар веќе пристигна средниот бек Нина Неделковска, која треба да донесе креативност и дополнителна ширина во бековската линија. Клубот ја продолжи соработката и со Сара Цветановска, една од ракометарките што минатата сезона имаше важна улога во тимот.
Со доаѓањето на Неделковска, останувањето на Цветановска и очекуваниот трансфер на Беровиќ, Спартак полека добива нов изглед. Во Кисела Вода се гради состав кој треба да биде поконкурентен и поопасен во дуелите со најдобрите тимови во Женската Супер лига.
Ангажманот на ракометарка со потенцијал каков што има Беровиќ е уште една потврда дека во Кисела Вода се подготвува амбициозен проект. Спартак во новата сезона ќе сака да биде многу повеќе од тим што само ќе им пркоси на фаворитите – целта ќе биде борба за врвот и напад на местата што носат европска сцена.
____________________________________________________________________________________________________
▶▶▶ Добивај директно вести на твојот мобилен телефон, приклучи се на Viber групата на семејството на 24ракомет. Со еден клик до сите ракометни вести.
_____________________________________________________________________________________________________























