Стојановиќ: Со помош на „Лозари“ до позитивен резултат против Вардар

По стартната победа над Струга и минималниот пораз од вицепрвакот во Автокоманда, тимот на Тиквеш го очекува уште еден голем предизвик.

Во Кавадарци гостува двократниот европски шампион Вардар и нема сомнеж дека трибините во „Јасмин“ ќе бидат исполнети до последното место.

Тренерот Раде Стојановиќ се врати во Тиквешијата по долго време и има голем предизвик пред него.

„Јас сум тука како дома, чест ми е да бидам тренер на Тиквеш. Мислам дека Тиквешијата треба да има бенефит од нас спортските работници кои претходно бевме играчи, да им помогнеме на младите, да ги насочиме на вистинскиот пат и правилниот развој. Овде сум одлично примен, се надевам дека на крај на сезоната сите заедно ќе се радуваме на одличните резултати на Тиквеш“, вели Стојановиќ.

Кавадарчани загубија во Автокоманда минатото коло, несреќно, иако можеа да освојат најмалку бод, а во првата рунда запишаа триумф над Струга на домашен терен.

„Ме радува нашиот настап против Алкалоид, ако го скокнеме првиот меч со Струга, бидејќи да се игра пред празни трибини е можеби полошо и од тренинг. За мечот со Алкалоид можам слободно да кажам ако беше нерешено или ако победевме немаше да биде незаслужено. Радува фактот што играчите покажуваат борбеност, тоа го покажуваме и надвор не само во Кавадарци. Не очекува натпревар против Вардар, знаеме сите за каков тим се работи и се бори за шампионската титула секоја сезона. Се надевам на позитивен резултат со помош на кавадаречката публика и „Лозари“ против Вардар“, продолжи Стојановиќ.

Тој смета дека опасноста во Вардар доаѓа од сите позиции и дека „црвено-црните“ имаат добро избалансиран состав.

„Вардар има повеќе репрезентативци, знаеме дека се квалитетни на голманската позиција, на пикерската, на бековските…Вардар е на исто ниво со Алкалоид, можеби Еурофарм Пелистер има поширока ротација и ростер, но на сите позиции се добро покриени и не чека тежок натпревар. Иако лани беше реми во Кавадарци, јас не би правел споредба со тој натпревар. Секој нов натпревар има различна тежина. Ние се подготвуваме исто како против Алкалоид, на секој меч одиме на победа. Некогаш се случува да одлучи и спортската среќа, која се надевам дека в сабота ќе биде на наша страна“, вели Стојановиќ.

Селекторот на младинците смета дека Кавадарци има потенцијал во иднина да даде и некој сениорски репрезентативец.

„Од овој состав на Тивкеш во младинската репрезентација се Шулески и Даневски, а во кадетската е Мики Лазов, кој допрва ќе ги покажува своите квалитети и пред него стои добра иднина ако се посвети максимално. Би го издвоил и голманот Бакев, на кој му давам шанса. Се надевам дека се повеќе деца ќе привлечеме во Тиквеш, Кавадарци секогаш имал добри играчи и зошто да не во иднина да нема и сениорски репрезентативец.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Вардар се игра утре во спортската сала „Јасмин“ со почеток во 19:00 часот.