Стојановиќ: Ако репрезентативците играат повеќе во клубовите, ќе имаме вин-вин ситуација

Машката младинска репрезентација на Македонија ја очекува настап на „Трофеј Карпати“ во романскиот град Баја Маре од петок до недела.

По тестовите со селекцијата на Турција минатата ЕХФ недела, претстојниот викенд момците на Раде Стојановиќ ќе имаат три проверки.

Селекторот смета дека неговите избраници во Романија ќе имаат три силни натпревари како дел од подготовките за ЕП 2024 година.

„Селекцијата на Турција беше единствена репрезентација што беше слободна во таа ЕХФ недела во октомври, па така РФМ овозможи да се задржи континуитет на пријателски натпревари, а сега во Романија ќе имаме три силни натпревари. Прво тестираме со Саудиска Арабија за која знаеме дека е квалитетна репрезентација, беа изненадување на СП во Хрватска и се бореа за пласман од 9 до 12 место. За Словачка немаме доволно информации, додека пак за репрезентацијата на Романија знаеме дека е учесник на ЕП 2024 во Словенија и дека е квалитетна репрезентација. Би сакал да се заблагодарам на клубовите и РФМ што овозможија поместување на последното коло од нашето првенство за да може младинската ракометна репрезентација комлетна да настапи на турнирот“, вели Стојановиќ.

На списокот од 18 ракометари се најде едно ново име, а неколкумина недостигаат поради повреди.

„На списокот имаме ново име на левата крилна позиција Никола Ристески. Со нас е и десниот бек Кристијан Стаменковиќ. Фалат повредените Дамјан Субашевски, Михаил Тотиќ, Александар Петковски, Антинио Николоски. На следниот собир ќе добие прилика Бобан Петров од Кил, потоа Илија Чрчев и сите кои прикажуваат добри игри оваа сезона“, продолжи Стојановиќ.

По освојувањето на деветтото место на Мундијалот во Хрватска, тој ќе ги води младинците на Европското првенство во Словенија во јули 2024 година. Оваа генерација е единствена што (ќе) игра на три големи натпреварувања по ред, а во Словенија може да избори и за четврто – СП 2025 година, што би било круна на кариерата во младинските категории.

„Тајната за ова е во тренингот, во дисциплината, во пристапот, во односот, во размислувањето на теренот. Сите овие работи придонесуваат оваа генерација да задржи континуитетот на настапи. Континуирано ги следам сите играчи, повеќето имаат задоволителна минутажа во своите клубови. Помал процент од играчите немаат, но сепак тоа го оставам на односот меѓу клубовите и играчите. Ќе имаме win-win ситуација доколку овие играчи имаат поголема минутажа“, продолжи Стојановиќ.

Селекторот е задоволен од напредокот на играчите од моментот кога ја презема оваа селекција пред три години и смета дека има материјал за сениорската репрезентација.

„Задоволен сум од напредокот на играчите. Разликата од ракометен аспект е огромна, кога ја презедов оваа генерација 2004 година и помали пред три години беше пионерска репрезентација која низ процес на макотрпна работа, голема посветеност и инволвираност на сите чинители – играчите, тренерите, клубовите и РФМ, исфилтрира состав преку природна селекција и индивидуална ангажираност на самите играчи. Самиот факт дека веќе тројца од играчите кои ги тренирам беа повикани на поширок список за сениорската репрезентација – Иван Галевски, Мирче Калајџиоски и Валентин Карасманакис радува. Верувам дека најмалку уште петмина играчи наскоро би се нашле на тој список“, смета Стојановиќ.

Собирот на репрезентацијата е утре во 22:30 часот, по што веднаш се заминува на пат за Романија. Првиот меч против Саудиска Арабија се игра в петок од 14:00 часот, а в сабота и недела се дуелите со Романија и Словачка.