Еурофарм Пелистер славеше на гостувањето кај Прилеп со 39-23 (20-14) во седмото коло од ракометната Суперлига. Домаќините имаа добар почеток и поведоа со 4-3, а потоа и со 6-5. По израмнувањето на 9-9, гостите првпат ја презедоа контролата и до полувремето изградија шест гола предност.
Важен период во првиот дел беше серијата со која Еурофарм Пелистер од 16-13 стигна до 20-13. Прилеп не реализира два седмерца во полувремето, а на паузата замина со негатива од 14-20.
На почетокот од продолжението домашниот тим намали на 17-23, но не успеа да го задржи приклучокот. При резултат 18-26 следуваа седум гола по ред за Пелистер, кој поведе со 33-18 и го реши прашањето на победникот. Битолчани во два наврата стигнаа и до највисоки 17 гола предност, пред последниот гол на Прилеп да го постави конечниот резултат. Второто полувреме гостите го добија со 19-9.
Филип Кузмановски беше најефикасен со девет гола, Садоу Нтанзи постигна пет, а Ненад Белистојаноски, Самоил Ристевски, Ник Хенингман и Петар Атанасијевиќ дадоа по четири. Кај Прилеп се истакна Димитар Димитриоски со пет погодоци.
Со новите два бода Пелистер има 13 и моментно се искачува на првото место, пред да се комплетира колото. Прилеп останува на осум бода и на петтото место. Во следното првенствено коло Пелистер ја пречекува Младост, а Прилеп игра дома со Вардар.
▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон 📲.
Со еден клик до сите вести. 🤾

























