Ракометарите на Бутел Скопје загубија со 27-24 од хрватскиот состав Горица во првиот натпревар од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп. Иако можеа да се вратат со подобар резултат, сепак во последните десетина минути домашните успеаја да го свртат резултатот во своја корист и по водството на Бутел со 23-21, направи голем пресврт, со серија од 6-1.
Стартот не беше ветувачки за скопскиот состав. По 2-2, Горица се одлепи на плус четири, 7-3, а во првите петнаесетина минути водеше и со пет гола, 11-6. Сепак бутелци навреме се разбудија.
Во финишот на полувреме ја стегнаа одбраната, по 13-10 за домашниот тим, четири минути гостинската одбрана не дозволи погодок, а за тоа време Марковски и Стаменковиќ погодија за минимална негатива на паузата, 13-12.
Вториот дел тргна со три гола на домашните за 16-12, а Горица остана без Дражен Огулиќ, кој доби директен црвен картон по опасниот старт над Тодески. Но момците на Стоилов возбратија на уште подобар начин.
Со серија од пет гола по ред и со одбрани на Чаневски, Бутел направи комплетен пресврт, 17-16, имаше и напад за плус два, кој не го реализира, па Горица казни со голови за 18-17.
Беше 18-18, но како одминуваше времето така Бутел ја преземаше контролата на теренот. На 20-20, Стоилов побара тајм-аут, а по интервенциите на Чаневски, Бутел за првпат водеше со два гола, 23-21, а имаше и напад за плус три со играч повеќе.
Сепак тој не беше реализиран и казната стигна на спротивната страна, па Горица успеа да израмни 23-23. Двете екипи во продолжение промашија по два пати, а домашните преку Пит ја вратија предноста на своја страна.
Капитенот Ѓоргиевски беше исклучен, тоа го искористи Горица и на две минути до крај отиде на плус два, 25-23, па Стоилов мораше да бара тајм-аут. Костов ја прекина „црната серија“ на Бутел и намали на 25-24.
Дујиќ одново ја однесе Горица на плус два, 26-24, бутелци погрешија и останаа уште дваесетина секунди за хрватскиот состав за напад. Успеаја да организираат напад и на крајот прославија триумф со три гола, 27-24. Во составот на Бутел по четири пати погодија Николоски, Субашевски и Стаменковиќ, а кај домашните се истакна Цековиќ со пет погодоци. На голот на Бутел одличен беше Чаневски.
Реваншот ќе се одигра во Скопје на 24 октомври од 17:00 часот.

























