Ракометарките на Ѓорче Петров одиграа нерешено со српскиот тим Бор, 31-31, иако имаа водство во финишот со 30-28 и 31-30 на триесетина секунди до крајот, кога пропуштија прилика да стават точка на мечот.
Се играше гол за гол до 8-8, пред Бор да започне да создава предност. Најпрво одржуваа водство гостинките од три до четири гола, а пред паузата отидоа и на плус пет, 18-13.
Во вториот дел Ѓорче Петров цело време бркаше негатива, а за камбекот се чекаше дваесетина минути. При водство на Бор со 27-25, Ризоска и Исиќ го предводеа пресвртот на теренот и се чинеше дека „лавиците“ го имаат мечот во свои раце.
Бор се врати во егал, 28-28, но македонскиот шампион преку Губериниќ и Исиќ стигна до плус два, 30-28. Пропуштија избраничките на Славиша Димитријески шанса за плус три, па беа сурово казнети и Бор пак беше во егал.
Исиќ погоди за 31-30, гостинките погрешија и тргна контра на Ѓорче Петров, која беше неуспешна, па Бор доби шанса за да освои бод. Го бранеа домаќинките нападот на Бор, но во последната секунда Митровиќ погоди од десет метри за реми, 31-31.
Најдобри стрелци во составот на Ѓорче Петров беа Исиќ со 11 и Ризоска со девет гола, а Губериниќ додаде седум. Во тимот на Бор се истакна Недељковиќ со десет погодоци, а по пет пати стрелаа Гаровиќ и Митровиќ.
На табелата води Бор со 7 бода, пред Наиса Ниш со шест и Ѓорче Петров со пет погодоци.
























