Омар погоди во последната минута: Куманово ја доби драмата со Младост

Куманово ја забележа првата победа сезонава, совладувајќи го Младост Богданци со 25-24 (14-12). Со двата бода кумановци избегаа од дното и сега имаат 3 бода, на 8 место на табелата.

Домаќините испуштија седум гола предност, во второто полувреме и самите бркаа резултат, а решавачкиот погодок го постигна Омар Мамдух на неполна минута до крајот. Гостите имаа шанса во последната минута да израмнат, имаа усте десетина секунди од нападот кога од записничката маса беше сигнализирано за погрешна измена.

Тоа значеше дека наместо Младост во напад, последните десетина секунди домашните ќе ја имаат топката, а играчот Ѓорѓе Атанасов доби исклучување. Таа шанса Куманово не ја испушти и на крај го зачува водството што им донесе победа.

Куманово одлично го отвори натпреварот. По почетните израмнувања, домаќините поведоа со 11-4 и изгледаше дека рано ќе го преземат резултатот под контрола. Младост, сепак, се врати. При 12-6 гостите направија серија од шест гола без одговор и израмнија на 12-12. Куманово го издржа тој налет и на пауза замина со водство од 14-12.

Продолжението донесе нов пресврт. Младост израмни на 16-16, а во 38. минута поведе со 17-16 – првпат по почетните минути. Потоа екипите се менуваа во водство, без ниту една да успее да се одвои. Гостите влегоа во завршницата со 23-21, но Куманово одговори со три последователни гола: Мамдух намали, Бојан Гичев израмни, а Наум Костов од пенал донесе 24-23.

Владимир Бојаниќ, исто така од пенал, израмни на 24-24 во 59. минута. Последниот збор го имаше Мамдух: по додавање од голманот Горан Чавејски, реализираше контранапад за 25-24 на неполна минута до крајот. Резултатот повеќе не се смени.

Мамдух беше најефикасен кај победникот со девет гола. Карим Мохамед Закарија Али постигна шест, а Костов пет. Григор Трајковски запиша осум одбрани, додека Чавејски имаше четири и асистенција за победничкиот гол. Кај Младост се истакнаа Жељко Пеиќ со шест погодоци, како и Тодор Узунчев и Славе Јанковски со по пет. Гостите настапија без Даниел Андоновски, кој беше во составот на претходниот натпревар.

 

▶▶▶ Приклучи се на VIBER – https://abit.ly/viber-24rakomet
Добивај директно РАКОМЕТНИ ВЕСТИ на твојот мобилен телефон
📲.
Со еден клик до сите вести.
🤾