Стефановиќ меч-винер,Тиквеш го доби трилерот во Бутел

Ракометарите на Тиквеш по сензационалната победа над Вардар запишаа уште еден триумф во плеј-оф фазата, овојпат против Бутел Скопје, триумфираа со 22:21 во натпревар од 4. коло. Кавадарчани со двете победи по ред направија голем прогрес на табелата, сега имаат десет бодови на свое конто, додека Бутел Скопје останува на само бод.

Двете екипи одиграа променливо во првиот дел, во кој гледавме голема борба за секоја топка. Откако гостите имаа посакуван старт, домашниот табор за кратко ја презеде иницијативата на теренот и до 10 минута во три наврати имаше плус два гола разлика (4:2, 5:3, 6:4). Гостите од Кавадарци експресно се разбудија, постигнаа три гола во низа и во 15 минута направија пресврт победувајќи со 7:6.

До 20 минута се играше гол за гол, потоа Тиквеш заигра поангажирано и започна постепено да создава солидна резултатска предност. На пет минути пред крајот на првиот дел, еден од најдобрите ракометари на Тиквеш, десниот бек Ани Обина, мораше да ја напушти играта поради повреда. Сепак, повредата не беше сериозна и репрезенаттивецот на Нигерија беше на теренот во второто полувреме.

Избраниците на Стојановиќ не му дозволија на домаќинот да се врати во игра, во еден момент зголемија на 14:10 и на пауза заминаа со резултатска предност од плус три, 14:11. Второто полувреме беше отворено со голот на Николов, кој намали на 14:12, додека гостите првиот гол во вторите 30 минути го постигнаа во 35 минута преку Темелкоски.

Домаќините имаа кризен период во првите десетина минути од вториот дел и речиси осум минути не можеа да го пронајдат патот до мрежата на гостите. Тиквеш ја искористи кризата на домашниот табор и до 50 минута водеше со три до четири гола разлика.

Ракометарите на Кузманоски се вратија во игра во финишот, откако при негатива од 19:16 дојдоа на изедначување, 19:19. Црвен картон во 55 минута поради три исклучувања заработи членот на Тиквеш, Кристијан Анастасовски. До крајот само нијанси одлучуваа каков ќе биде исходот од денешниот дерби дуел. Беше 21:21 во 59 минута, потоа на десетина секунди пред крајот кружниот напаѓач Никола Стефановиќ реализираше за 22:21, па така за домаќините не остана доволно време за мирен напад.

Најефикасни во победничката екипа беа Евгениј Темелкоски и Мартин Манасков, двајцата постигнаа по шест погодоци. Во поразениот табор најдобар поединец  беше Филип Николов, десниот бек 11 пати се запиша во листата на стрелци.

ПозЕкипаНПРЛБ
1ЕУРОФАРМ ПЕЛИСТЕР12110135
2ВАРДАР 196112100233
3АЛКАЛОИД1280427
4ОХРИД1280426
5ТИКВЕШ 20141260619
6БУТЕЛ1230910
7ПРОЛЕТ1220106
8СТРУГА1200120